Матеја Талеска и Дино Дановиц се македонски претставници на европското финале „Европскиот квиз на пари”

Учениците Матеја Талеска и Дино Дановиц од училиштето СУГС „Joсип Броз Тито“ – Скопје се македонски претставници на Европското финале на „Европскиот квиз на пари“. Под менторство на професорката Емилија Величкова, тие успеаа да ги победат останатите 439 тима.

На натпреварот учествуваа 423 тима кои се натпреваруваа на македонски и 16 тима кои се натпреваруваа на албански јазик.

На четвртото по ред издание на националниот натпревар за време на Глобалната, односно Европската недела на пари учествувале 878 ученици под менторство на 94 професори и наставници од вкупно 72 основни и средни училишта од земјава.

Второто место го освоија учениците Теона Митревска и Јани Јеренда од училиштето СЕПУГС „Васил Антевски Дрен” – Скопје, под менторство на професорката Биљана Ниновска, а третопласирани се Марија Вчкова и Стефанија Сарафимова од училиштето СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци, под менторство на професорката Јасминка Ризова.

Европското финале на квизот, ќе се одржи онлајн,  на 10 мај. Освен со парична награда, за првпат, Европската банкарска федерација петте најдобри тима ќе ги награди со дводневно патување во Брисел, Белгија.

„Европскиот квиз на пари” е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на ученици од 13 до 15-годишна возраст, што Македонската банкарска асоцијација го организира во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија.