Македонските средношколци од Балканската олимпијада по информатика се вратија со еден сребрен и два бронзени медали

Македонските средношколци на 25. Балканска Олимпијада по информатика (БОИ), која од 2-8 јули се одржа во Кишињев, Молдавија, освоија сребро и два бронзени медали.

Сребрениот медал дома го понесе Владимир Максимовски од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје. Бронзени медали пак, освоија Мартин Динев, ученик во „Никола Карев“ – Струмица и Филип Михов од СУГС „Орце Николов“ – Скопје. На натпреварот учествуваше и Марко Чаласан, кој на само девет години стана сертификуван инженер за компјутерски системи МСЦЕ.

Владимир Максимовски: Мислеа дека сме на прошетка, но се вративме со бронза на Олимпијадата по информатика

Македонскиот тим на натпреварот во програмирање беше предводен од лидерите Марија Михова и Емил Станков од ФИНКИ.

Организатор на БОИ е Министерството за образование на Молдавија. Учествува 41 средношколец од  Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Турција, избран преку годишните национални натпревари. Како претставници на земја-гостин на БОИ, во неофицијална конкуренција учествуваа и средношколци од Италија.

Наредната БОИ, во 2018 година, ќе се одржи во Романија. Наградените средношколци од Македонија наредно ќе учествуваат на Интернационалната олимпијада по информатика, која од 28 јули се одржува во Техеран, Иран.