Владимир Максимовски: Мислеа дека сме на прошетка, но се вративме со бронза на Олимпијадата по информатика

Бронзен медал и полно нови пријатели, доби 17-годишниот средношколец Владимир Максимовски од Штип на годинашната Интернационалната Олимпијада по информатика -ИОИ, која се одржуваше во Казањ, Русија. Тој заедно со уште тројца соученици постигнаа забележителни резултати во конкуренција на 308 ученици од 86 земји.

Максимовски во септември ќе биде трета година во приватното средно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, а за натпреварот дознал уште кога бил прва година преку неговиот брат, кој верувал во неговите способности.

„Јас уште од петто одделение учам програмирање. Годинава се пријавив на македонската Олимпијада во Скопје и бев прв, потоа ме пратија на Балканската Олимпијада по информатика и на Интернационалната во Русија“, вели тој за Радио МОФ.

Пред да замине во Русија, заедно со менторите Емил Станков и Весна Киранџиска, од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Максимовски учествувал во камп за подготвување на македонските учесници, во организација на Здружението на информатичари на Македонија.

Покрај ова, тој вели дека за да се подготви добро за натпреварот одвојувал четири до шест часа од своето слободно време.

„Нормалните работи што средношколец би ги правел во слободно време и кога воопшто нема што да прави, јас го заменував тоа со информатика. Имав време за учење, за школо, а единствено време што е специјално само за програмирање се две, или три недели што нè ослободуваат од училиштето пред натпреварите, во зависност од тоа колку се важни“, објаснува Максимовски.

За турнирот во Русија вели дека е едно од неговите најдобри искуства, каде успеал да се запознае со многу луѓе и да стекне нови пријатели. Во однос на задачите, тој, заедно со останатите во тимот морале да ги изведат во вид на код.

„Нашите ментори ни ги преведуваа задачите, со тоа што ни кажуваа што треба да изведиме. Ни го кажуваа правилото, а ние тоа правило требаше да го автоматизираме со код. За некои програми тоа е потешко од аспект на самокодирање и на фактот што програмата самата по себе е спора и треба да се забрза“, вели овој средношколец.

Максимовски успеа да се пласира на 81-то место, а само четири места го делеле од сребрениот медал. Според правилото на Олимпијадата, бронзен медал добива учесникот кој е подобар од половина од учесниците, сребрен добива оној што е подобар од првата четвртина од вкупниот број на учесници, а ако е подобар од првата дванаесеттина, тогаш добива златен медал.

Но, средношколецот е одлучен, вели дека Олимпијадата е само почеток за него.

„Размислувам да одам на натпревар по физика. Исто така, одам на натпревари и по математика, а во план ми е да да им предавам на помалите деца кои ќе одат на Јуниорската балканска Олимпијада по информатика што ќе се одржи во септември во Скопје“, вели Максимовски.

Од своето прво учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија досега има освоено еден сребрен и 14 бронзени медали, од кои најголемиот број во изминатите неколку години.

„Македонскиот тим обично не е меѓу најдобрите и од мојата фамилија се очекуваше дека ништо нема да добијам, само прошетка, но кога го видоа резултатот беа изненадени“, вели Максимовски.

Својата иднина како студент, пак, ја гледа во странство.

„Би се запишал на некој американски, или руски факултет, бидејќи, лично, не сум задоволен од можностите на македонските дипломи и квалитетот на македонските факултети. Ако не сум примен на ниту еден факултет, имам стипендија од ФИНКИ и тоа ми е последен план“, рече тој.

ИОИ е годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Во националните натпревари во програмирање на речиси 90 држави од светот секоја година учествуваат околу 250.000 ученици, со желба да се изборат да ја претставуваат својата држава на ИОИ. Следната Интернационална олимпијада по информатика ќе се одржи во Техеран, Иран.

Е.П.