Македонските граѓани најчесто онлајн купувале од Унгарија, Обединетото Кралство и САД

Во текот на 2019 година со македонски платежни картички во странство реализирани се вкупно 3.375.597 онлајн трансакции со вкупна вредност од 100,3 милиони евра, покажуваат последните статистички податоци на Народната банка. Од друга страна, со странски платежни картички во земјава реализирани се вкупно 170.390 онлајн трансакции со вкупна вредност од 6,85 милиони евра.

Во анализата која ја подготви Филип Чижбановски – в.д. претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, најголем број од онлајн трансакциите во странство со македонски платежни картички биле направени во Унгарија и Обединетото Кралство, по 1,3 милијарди денари во секоја од државите, додека во првите пет држави се наоѓаат и САД, Холандија и Ирска.

„Анализирајќи го бројот на онлајн трансакции со македонски платежни картички во странство, високи 83,3% од трансакциите завршиле во корист на ТОП 10 земјите прикажани во табелата во продолжение. Убедливо најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 1.294.814) се реализирани во корист на веб продавници кои потекнуваат од Обединетото Кралство“, се наведува во анализата на Чижбановски.

Имателите на платежни картички од други земји, ја зголемуваат вредноста на реализирани онлајн трансакции во корист на македонски веб продавници. Конкретно, во 2019 година од вкупно реализираниот износ најголем дел припаѓа на имателите на картички од САД, Обединето Кралство, Канада, Швајцарија и Бугарија.

„Од аспект на вредноста на трансакциите, просечна трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 1.012,00 денари, односно 5.268,00 денари кон Унгарија и 1.115,00 денари кон САД. Американските картички реализирале просечни трансакции во вредност од 2.839,00 денари кон македонски веб продавници, додека картички од Обединето Кралство во просек плаќале по 2.305,00 денари“, се додава во анализата.

Податоците за трансакциите со странски платежни картички во Македонија, се евидентираат од страна на банката која го обезбедува уредот за плаќање (виртуелен пос терминал) и се пријавуваат како трансакции извршени во земјата со странски платежни картички, независно од тоа дали физичкото или правното лице кое е имател на картичката со која е реализирана онлајн трансакцијата е резидент или нерезидент.

Податоците за трансакциите со домашни платежни картички во странство, се евидентираат од страна на банката која ја издава картичката (дебитна или кредитна) и се распределуваат по одделни земји согласно кодот на земјата кој опслужувачот на уредот за плаќање ја испратил како локација на трансакцијата.

Радио МОФ пишуваше за промените во навиките на граѓаните по пандемијата со новиот коронавирус и интересот за онлајн шопинг. Повеќе за тоа во текстот во продолжение:

Сервисите за достава со полни раце работа, македонските граѓани ги менуваат навиките за купување