Сервисите за достава со полни раце работа, македонските граѓани ги менуваат навиките за купување

Ограничувањата на движењето, апелите на властите да се остане дома и стравот кој се создаде поради пандемијата со новиот коронавирус, ги натера граѓаните почесто да ги користа користат сервисите за достава. Но зголемената побарувачка, го зголеми и времето за чекање, а ги разочара најмногу оние кои за првпат решија да користат вакви услуги, со цел да ги избегнат гужвите во маркетите и да се заштитат од вирусот.

Откако нашиот соговорник, 33-годишен жител на Скопје заедно со сопругата имале неколку лоши искуства со чекање во редови пред блиските супермаркети, пред неколку дена за првпат се обиделе да нарачаат намирници од маркетот во кој редовно пазаруваат, а кој подолго време ја нуди и опцијата за достава на производите до дома. Но, нарачката не одела беа проблеми.

„Направивме онлајн профил, ги избравме намирниците кои ни се потребни и кога дојдовме до опцијата за достава, следниот слободен термин беше за две недели. Еве денеска повторно се обидов, и следниот слободен термин за достава е дури по 11 дена. Се откажавме од идејата и повторно физички моравме да одиме по потребната храна и хигиенски средства“, објаснува тој.

Големата побарувачка ги претрупа онлајн маркетите

Доколку ја посетите веб-страницата на интернет супермаркетот „Пакет.мк“ веднаш ќе го забележите огромното известување во црвена боја, во кое се вели дека сервисот се соочува со драстично зголемена побарувачка. Следствено на ова, оттаму се извинуваат доколку дел од производите се недостапни на залиха, и препорачуваат што порано да се направи нарачка за да се добие посакуваниот термин.

„Пакет.мк“ нема физичка продавница, туку функционира исклучиво онлајн. Во разговор за Радио МОФ, неговиот основач Драган Јосифовски објаснува дека обемот на нарачките е зголемен за повеќе од 400%, а дека ваквата ситуација е повод за многу купувачи да започнат да купуваат онлајн.

„Доколку ги согледате предностите кои ги нуди онлајн купувањето, логично е да се очекува многу поголем интерес. Сметам дека ова е добра шанса како општество да створиме нови навики. Онлајн купувањето нуди многу предности во однос на традиционалното пазарење“, објаснува Јосифовски.

Компанијата вовела вонредни процедури и обуки за безбедност уште првиот ден, а Јосифовски додава дека секојдневно се анализираат ризиците. Во моментов тие имаат воведено и целосно бесконтактна достава, а нивните вработени како што објаснува тој, се опремени со соодветни маски, ракавици, дезинфекциони средства и упатства за заштита.

„Десетина минути пред доставата купувачот добива СМС порака со упатство за бесконтактната достава. Доставувачот ги остава пакетите на прагот, го известува купувачот дека се оставени пакетите, се одалечува, го отпоздравува купувачот од далечина и заминува. Покрај ова, магацинот се дезинфицира на одредени периоди, а возилата темелно се дезинфицираат пред секој утовар“, посочува Јосифовски.

Работата оди стандардно, објаснува тој, но ангажирани се повеќе работници.

„Гледаме да не додаваме повеќе работни часови по вработен, бидејќи тоа може да значи и намалување на концентрацијата и зголемен ризик. За одржување на тимскиот дух и здравјето на вработените, обезбедуваме и здрав оброк по хроно рецепт секој ден“, потенцира Јосифовски.

Купувачите да останат смирени и трпеливи, вели тој, објаснувајќи дека секојдневно добива уверувања од добавувачите дека постојат стабилни залихи, а синџирот на набавка нема да претрпи посериозни пореметувања.

„Во однос на пазарењето на „Пакет.мк“, би им препорачал и би ги замолил да ги прават своите нарачки пред време, 5-6 дена пред посакуваниот термин за достава, да прават поретко нарачки, препорачливо е еднаш неделно, за да не зафаќаат повеќе термини“, посочи Јосифовски.

„ВелоДостава“ е уште еден сервис или мала заедница, која е формирана за време на кризата со коронавирусот, а каде главната улога ја има велосипедот, за кој, како што велат, со неговата практичност и ефикасност во градската сообраќајна гужва се истакнува далеку повеќе од користените автомобили и скутери за овој тип на работа. Иницијалната каписла за старт на идејата „ВелоДостава“ е услугата која ја нудат, а која се однесува на бесплатна достава за лицата над 65 години и лицата со инвалидитет.

„Сакавме да помогнеме што е можно повеќе на луѓето на кои што најмногу им е потребна помош и сме многу среќни дека со помош на социјалните медиуми, пораката веќе се шири и се повеќе добиваме повици од постарата генерација на граѓани кои се премногу благодарни за пружената можност да си дозволат набавка на намирници кои ќе им бидат доставени до дома без никаков надомест за тоа. Нивните задоволни лица ни ги полнат батериите и не мотивираат да одиме понатаму“, посочуваат од „ВелоДостава.

Но, за разлика од веќе етаблираните сервиси, тие објаснуваат дека идејата се уште се разработува, а моментално се со помал обем на работа.

„Се разбира и моменталната ситуација придонесува луѓето да не експериментираат со нови алатки на пазарот туку да соработуваат со веќе тестираните компании и да играат на сигурна карта“, посочуваат од „ВелоДостава“.

Поголем дел од нивните клиенти, моментално се лица кои најчесто, како што велат оттаму, се исплашени од моменталната состојба и се обидуваат што е можно повеќе да го зачуваат здравјето. Нивната мисија, како што посочуваат, е да се обезбеди маскимална заштита за доставувачите и нарачателот на доставата.

„Се водиме по интерен стандард пред секој нов почеток на работниот ден, велосипедите да бидат исперени и дезинфицирани, доставувачите да носат задолжително маска и ракавици и истите штом се употребат да се променат и едно мало шишенце гел за дезинфекција. Покрај тоа, внимаваме при самата достава да не го прекршуваме правилото од 1.5 м и да не бидеме во допир со клиентот“, велат од „ВелоДостава“.

И ресторанска храна преку достава

Сервисите за храна, но и рестораните веќе се прилагодија на мерките на владата, па така тие најавија за промените во нивното работно време. На 14 март беше донесена и одлука со која се забранува целосно работата на кафетерите, баровите, клубовите. Но, со ваквата одлука за сите угостителски објекти кои подготвуваат храна беше појаснето дека можат да работат, но без посетители и да остваруваат продажба на алтернативен начин, односно да се подигаат нарачки пред влезот на објектите и слично.

Во однос на ова, Ивана од Скопје, за Радио МОФ вели дека за време на изолацијата често нарачува храна преку достава преку еден од сервисите кои нудат ваква можност. Во сите наврати плаќа онлајн и ја избира опцијата за бесконтактна достава, односно доставувачот да ја остава храната пред врата.

„Досега само еднаш се случи ресторан кој беше категоризиран како отворен за нарачки, да е всушност затворен и нарачката да биде откажана. Инаку, доставата секогаш е во предвидената временска рамка“, објаснува таа, додавајќи дека услуга е добра.

Но, потенцираше дека би сакала доставувачот кој нуди достава на некаков начин да презентира до кои мерки и на каков начин се придржува.

Волонтери ангажирани за помош на стари лица во време на пандемија

Мартин Колоски