Македонските граѓани купуваат онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, а нарачките се најчесто до 50 евра – Петта Конференција за е-трговија во Македонија

Под мотото „E-commerce: Accelerate!“, денес беше отворена петтата годишна Конференција за е-трговија на која присуствуваат преку 500 учесници од повеќе од 10 земји, а свое излагање ќе имаат 29 говорници од земјата и странство.

Можностите кои ги нуди е-трговијата во регионот, промените на навиките кај купувачите предизвикани од е-трговијата, поврзаноста помеѓу податоците, маркетингот и технологијата, како и приказни од успешни е-трговци од регионот ќе бидат главните теми на годинешното издание кои ќе бидат претставени низ повеќе презентации и панел дискусии.

Конференцијата ја отвори претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, Нина Ангеловска која во својот говор истакна дека иако бројките и податоците покажуваат раст на е-трговијата во Северна Македонија, сепак се уште земјата е рангирана на дното споредено со европските држави, а и зад дел од земјите од регионот кај повеќето индикатори.

„Податоците покажуваат раст на речиси сите индикатори, така на пример, 46% од интернет корисниците купуваат онлајн, има значителен пораст во користењето на интернет банкарство и понатамошен раст на онлајн трансакциите, меѓутоа сепак тоа е мал раст споредбено со земјите од Европска Унија. Затоа мораме да го забрзаме развојот на е-трговијата за да отскокнеме од дното неколку места напред“, посочи Ангеловска.

Ангеловска на конференцијата ексклузивно ги презентираше клучните сознанија од извештајот со наслов „Преглед на анализата на е-трговија (2022) во Р.С. Македонија и споредба со регионот и европските земји”, кој покажува дека македонските граѓани купуваат онлајн еднаш до два пати во 3 месеци, прават нарачки најчесто до 50 евра, а најмногу нарачуваат од домашни е-трговци. Најмногу купуваат облека онлајн, а најмалку мебел и храна (испораки од ресторани).

Вредноста на трансакциите кои македонските граѓани ги реализирале кон домашните е-трговци во првата половина на 2022 изнесувала 12 милијарди денари и е за 22% повисока споредбено со првото полугодие во 2021. Во првата половина на 2022 година се отворени 110 нови е-продавници, што укажува на тоа дека продолжува трендот на зголемување на бројот на уреди кои примаат платежни картички на виртуелни места на продажба.

Во однос на навиките за користење на услугите од електронското банкарство, во Северна Македонија се забележува значителен пораст на 31% од населението кое користи интернет, но тоа ја прави земјава подобра само од земјите во соседството, додека во Европската Унија 66% граѓаните го користат интернетот за е-банкарство.

Но, затоа, 85% од македонските граѓани го користат интернетот за социјални мрежи и се во горниот ранг. Сите балкански интернет корисници најмногу сакаат да зборуваат, а помалку да праќаат е-маил. Жителите од Црна Гора отскокнуваат во учество на социјални мрежи, праќање инстант пораки и читање онлајн вести, весници, списанија, додека оние од Србија во барање информации за производи/услуги и барање на информации поврзани со здравјето, додека граѓаните од Босна и Херцеговина за продавање на производи и услуги онлајн, иако во речиси сите други активности на интернет се на последно место.

Инаку, на конференцијата ќе се обратат еминентни странски говорници, меѓу кои Јакуб Климчик, раководител за клиенти во Тик-ток, Амин Сиала, консултант за дигитален раст во Гугл, Тосин Оке, директор на продажба за мали и средни бизниси за Европа од Пејонир и многу други.

Исто така, на конференцијата ќе можат да се слушнат четири панел дискусии на кои што ќе учествуваат бројни домашни експерти, односно Бојан Кордалов ќе ја модерира првата панел дискусијата на тема „Регионален пристап за е-трговија: Бизнис перспективи”, во втората панел сесија ќе се даде акцент на улогата на владите во забрзувањето на регионалната е-трговија, каде воведно обраќање ќе има Размена Чекиќ Дуровиќ, државен секретар во Министерство за Економија на Р.С. Македонија. Во третата панел сесија на тема „Како бизнисите го менуваат однесувањето на клиентите?” ќе разговараат Милкица Геринска од Пивара Скопје, Ангелина Блажевска од Фит-кит и Дарко Перушески од Глеј.мк и четвртата панел дискусија ќе биде на тема „Технологија, податоци и автоматизација како засилувачи” каде модератор ќе биде Филомена Аспровска Пљаковска.