Македонските граѓани бараат повеќе еко-инспектори и казни, а пријавувањето загадувачи да се поедностави 

Граѓаните бараат бројот на инспектори за животна средина да се зголеми. Инспекторите да бидат поактивни и достапни 24 часа, начинот на пријавување загадувачи да се поедностави, а лицето што пријавува да остане анонимно и заштитено од притисоци. Исто така, голем процент граѓани не се информирани за исходот на постапките и сметаат дека е премал бројот на изречени казни од инспекторите. Истовремено, инспектори имаат проблем со законски решенија и со субјекти што се подготвени да платат за да продолжат да наштетуваат на средината. Отворената платформа на Град Скопје треба да одржи континуитет и да се прошири низ инспекциите низ Македонија.

Ова се дел од заклучоците на вчерашната јавна дебата „Инспекторите под лупа на граѓаните“, организирана од Зелениот институт. Онлајн настанот беше дел од проектот „Алатки за подобрен инспекциски надзор на локално ниво“, преку кој се спроведуваше и анкета во четири македонски градови – Скопје, Битола, Куманово и Велес.

Христина Оџаклиеска, планер со посебни овластувања за заштита на животната средина во Агенцијата за просторно планирање, нагласи дека повеќе од 75% од граѓаните потврдиле дека забележуваат загадување во својата општина.

Потенциран е проблемот со аерозагадувањето, дивото депонирање на отпад, а меѓу причините е и горењето на нестандардни горива во домаќинствата.

„Во населените места, во чија близина има индустриски капацитети, граѓаните ја посочуваат и индустријата како извор на загадување. Во општина Велес имаат и проблем со животински фарми и каменолом. Битола има изразено мислење дека големо влијание има и рудникот, кој е во непосредна близина“, потенцираше Оџаклиеска.

Граѓаните велат дека пројавуваат интерес да пријавуваат загадување, но, од друга страна, се’ уште голем процент не пријавиле загадување. Исто така, скоро 50% сметаат дека немало реакција од надлежните служби, или пак инспектори биле на увид, но не знаат како завршил случајот (22% Велес, 34% Скопје, 35% Битола до 42% во Куманово).

Граѓаните од четирите градови, со проценти од 82 до 96%, бараат можност за повеќе начини за пријавување загадувачи. Најмногу ја фаворизираат опцијата преку специфична онлајн платформа, каде би закачиле фотографија и локација. Исто така, би пријавувале и по телефон, по е-мејл на службите или Фејсбук. Мал процент граѓани знаат колку има инспектори за животна средина, но мнозинството сака да дознае колку се вработени.

„Исто така, интересно е тоа што, независно дали знаат колку инспектори работат во општината, најголем дел, или повеќе од 50%, со исклучок на Куманово (45%), сметаат дека бројот на инспектори треба да се зголеми“, нагласи таа.

Меѓу 73 до 88% од испитаниците по општини не виделе дека се објавуваат записниси и наоди од инспекциски надзори. Голем е процентот и што не ја виделе Платформата на Инспекторатот на Град Скопје.

Нови алатки на Инспекторатот на Град Скопје

Мирослав Богдановски, раководител на Градскиот инспекторат во Скопје, вели дека целта е да се олесни комуникацијата меѓу граѓаните и инспекциските служби. За него е поразително што според анкетата има висок процент на граѓани што не пријавуваат. Истовремено, нагласи дека треба да се зголемува бројот на инспектори за животна средина, бидејќи сега шестте се задолжени за бројни правни субјекти и 40-ина инсталации со Б-интегрирани еколошки дозволи.

„Отворени сме за соработка. Инспекторатот на Град Скопје воведе новини. Пример, своја Фејсбук-страница, ги информираме граѓаните за работата, преземени дејствија за одредени предмети. Во соработка со тимот на Скопје Лаб, дојдовме до заклучок дека оваа пракса треба да се унапреди. Воведена е апликацијата Flashdesk“, рече тој.

Aлатка за комуникација помеѓу вработените од Испекторат на Град Скопје

Алатката е пуштена ланскиот октомври и има 60 корисници од Секторот Инспекторат. Freshdesk е поврзана со Фејсбук, па секоја пријава стигнува и до раководителите.

„Доколку граѓанин пријави одредена нерегуларност, откако ќе се заврши доделувањето на предметот, тогаш инспекторот пишува како постапил, што постапил, што е преземено… Граѓанинот го има тоа на увид. Известен е за дејствијата од инспекторот“, објаснува Богдановски.

Преку Платформата за отворени податоци, пак, ги преземаат предметите од инспекторите, податоците од записниците. Богдановски вели дека е запазен и Законот за заштита на лични податоци. „Меѓутоа, секој граѓанин ќе може да види во својата општина колку записници се направени, колку казни се изречени, по кој основ и закон“, вели тој.

Воведена е и апликација „Е-инспектор“. Сите инспектори добиле мобилни и можат да го оптимизираат работењето. Раководителите, пак, да проверат дали е постапено според планот за работа.

„Доколку инспектор треба да оди денес во Ѓорче Петров, раководителот може да провери дали навистина отишол таму, колку и каде се задржал. Во однос на безбедносен аспект, бидејќи имавме напади на инспектори и редари, има инсталирано копче ‘panic’, преку кое веднаш се лоцира инспекторот и се праќа полиција или други инспектори. Целиот процес на имплементирање не одеше така лесно. Имавме отпор и од оваа наша страна, од инспекторите. Требаше да им се објасни што се планира, како се планира, дека им се олеснува, а не оптоварува работата“, вели Богдановски.

Се надева дека и другите инспектори од државата ќе го следат примерот, па ќе дојдат и до поширока, законски оформена и имплементирана апликација.

„Контактираме и со општински инспекторати, објаснето им е како функционира платформата, но никој не изрази желба да рече ‘дајте да направиме и кај нас да имплементираме’, затоа што се’ ова го правиме е дополнителна работа. Но, ние постоиме како алатка на граѓаните, тоа ни е работа“, забележа Богдановски.

На дискусијата немаше претставник од Државниот инспекторат за животна средина. За овој Инспекторат, Државниот ревизор во извештај од 2018 потенцираше дека „отсуствуваат доволни и достапни информации за инсталациите над кои бил извршен надзор, бројот и видот на извршени надзори, утврдени наоди, изречени мерки и резултати од истите“. Ревизорите утврдија и дека, од своето самостојно функционирање, Инспекторатот е со недоволен број инспектори, несоодветна организациона поставеност и функционалност на одделенијата, недоволно обуки и стручно усовршување на инспекторите, недостаток на финансиски средства.

Во заедничкиот извештај за квалитет на воздухот на EUROSAI – Европската организација на врховни ревизорски институции, стои и дека „инспекциите за животна средина се вршат на централно и локално ниво без координација“.

„Законот за инспекциски надзор е направен во корист на извршителите на дела“

Дејан Димитровски, советник од скопска Гази Баба, потенцираше дека цело време се води „војна“ меѓу граѓаните, инспекторите и загадувачите. Законот за инспекциски надзор, вели тој, повеќе е во корист на извршителите на дела, отколку на граѓаните.

„Апелирам многу пати во општината, преку ЗЕЛС, градоначалникот веднаш да побара промена на тој Закон. Пример, фаќам извршител со полн камион шут како го исфрла во Гази Баба. Тој ми се смее, вика ‘слободно пријави ме, казна ми е 50 евра, а јас од секој камион имам 300 евра’. Буквално 80% од законот треба да се смени. Тоа е моето мислење“, вели тој.

Во однос на ефикасноста на инспекторите, дополнува Димитровски, многу пати кога одат на терен – не ги завршуваат работите, затоа што обично доцна стигнуваат на „местото на злосторот“ за да фатат загадувач. Независно дали некој палел бакар, фрлал шут или на друг начин загадува околина.

„Апликацијата на Град Скопје многу би ја подобрила работата за директно фаќање на извршителите. Понатаму, проблем е за редарите и инспекторите, кога ќе биде фатен извршител, немаат право да го легитимираат, право да го приведат. Ако не сака да даде лична карта – не можат со сила да му земат. И, тука завршува целата работа. Џабе имаме инспектори на терен кога не можат да си ја завршат работата!“, нагласи тој.

Законот за инспекциски надзор, за кој зборува Димитровски, стапи во сила лани во ноември. Тој донесе „морков“ наместо „стап“. Односно, ја воведе опомената, со која се дава рок на инсталација да ја отстрани неправилноста, пред да се изрече казна. Аргумент за донесувачите на законот е инспекцијата да не се доживува како репресија, иако и Никола Бертолини од ЕУ делегацијата, и еко-активистите ја критикуваа неказнивоста и побараа повисоки казни за загадувачите.

Дигитализацијата е новиот херој во демократизацијата

Активистката и советник од Општина Центар, Јана Белчева – Андреевска ја поздрави Платформата на Град Скопје. Не само за транспаретност кон граѓаните и враќање на довербата кон институциите, туку дека отвора можност и за идно искористување на податоците и економски развој, и за носење соодветни одлуки.

Според неа, „дигитализацијата е новиот херој во демократизација на процесите“.

„Можеби она што зборувавме е недостатокот на луѓе или можноста луѓето да работат вон работно време, кога сите можат да направат прекршоци. Треба да се размислува како да се унапреди со деперсонализација на собирање податоци од терен со други алатки. Не секогаш на лице место да излезе инспектор, туку снимање со различни сензори да биде придонес за собирање податоци од терен“, рече Белчева – Андреевска.

За неа, многу е важно со информатичките решенија да има одржливост. Денес е тука Мирослав Богдановски, но, вели таа, утре може да дојде некој друг и каже „платформата не е интересна“. Затоа треба да се следат реакциите и на општинско и централно ниво.

„Ќе дадам пример од Центар. Нам ни се случува инвеститор да има идеја за некоја парцела која си ја купил, ама, за жал, на парцелата има објект од културно наследство. Дури и да го сруши тој објект во период додека не работи градежен инспектор. И потоа, тоа го снемува и може да почне со градба, а да добие казна која апсолутно финансиски не го погодува. Има многу примери каде инспекциските служби мора да се зајакнат. Но, она што сега е направено да се одржи во живот“, констатираше Белчева – Андреевска.

„Во Велес казните кај загадувачите не се процесуираат“

Стефче Дечев од Велес, еден од анкетарите во истражувањето за овој град, вели дека неодамнешна хаварија потврдила дека со отсуство на инспектори се дозволува загадувачите да продолжат да бидат активни.

„И, тоа енормно. Велес моментално е без еколошки инспекторат, нема ниту на локално, ниту на државно ниво. Затоа хаваријата од фабриката ‘Благој Ѓорев’ е петта во 18 месеци, а вакви проблематики граѓаните посочуваат и од каменоломите од Велес. Посочени беа и проблемите со голема реа од живинарски фарми, потоа и несоодветно отстранет отпад од контејнерите од претпријатијата… Хаваријата ја потврди итноста за ситуацијата и дека казните кај загадувачите не се процесуираат“, рече тој.

Даде и пример со еко-инцидент кој, вели Дечев, не бил заведен од институциите за животна средина, па сега се „крстат“ во Јавното обвинителство.

„Треба да бидеме среќни што, на пример, претседавачот на Советот на Велес, Ненад Коциќ е претходно активист од еколошко друштво и што со градоначалникот Аце Коцевски се поборници за животна средина. Но, нивните овласувања се ограничени. Јавно апелирам, да се залагаме што е можно побрзо во Велес да профункционираат инпекторатите и институциите, следејќи го примерот од Скопје, каде може да се види достапноста и излезеноста на терен на инспекторите“, рече тој.

Битолчани не им веруваат на институциите 

Според Драган Велјанов, активист и претседател на „Земи здив“, состојбата во Битола е катастрофална. Како да не постои желба ниту од граѓаните, ниту од институциите, па, забележува тој, се’ се сведува на неколку индивидуални објави на социјалните мрежи.

Тој е поактивен и секојдневно се соочува со граѓани кои среќаваат проблем, а не знаат што да направат. Не е сигурен дали граѓаните воопшто знаат дека има инспектор за животна средина.

„Имаме една инспекторка која работи од 8 до 16 часот. Толку. Никој не го знае телефонот кај треба да пријави, ниту имаат доверба дека нешто ќе биде спроведено, ќе има некаков ефект. Неопходна е кампања за едукација на граѓаните и враќање на довербата во институциите. Довербата тотално ја нема, бидејќи за тоа е виновна и самата држава. Законите се така направени, па еден загадувач треба да добие дозвола од една институција, и единствено може да го контролира таа институција. Значи, прво да се врати довербата, а понатаму граѓаните малку поактивно да се вклучат“, рече Велјанов, апелирајќи да се имплементираат апликациии и алатки и за Битола.

Најави за нови законски решенија 

Наташа Амдију, претседателка на Зелен институт, објасни дека нивниот проект трае седум месеци, се’ до ноември 2020 година. Покрај испитувањето на јавното мислење за сериозноста на загадувањето, сакаат да работат и на стандардизирање на начините за пријавување, преку изработка на соодветен правен акт, предложен и до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Сакаме да ја промениме и примената на законите што се однесуваат на животната средина и воедно да ја информираме јавноста како да се промени транспаретноста и инспекцискиот надзор на локално ниво“, рече Амдију.

Покрај донесените Закони за инспекциски надзор и за прекршоци, државната секретарка во МЖСПП, Ана Петровска најави дека работат и на специјален закон за инспекциски надзор во животната средина.

„Тој, исто така, ќе ја подобри транспаретноста на работата на инспекторатите, а особено ќе влијае на поструктуирани инспекциски надзори, се’ со цел навреме да се детектираат и докажат евентуални прекршувања на загадувачите. Овој закон, во духот на Архуската конвенција, предвидува редовно да се објавуваат записниците од реализираните инспекциски надзори. Минатата година имаше иницијатива тоа да се случува во сите општини, како на национално, така и на локално ниво. Таа иницијатива беше многу добра, меѓутоа праксата на објавување на инспекциските надзори не е адакватна и треба да се подобри“, констатираше Петровска.

Бојан Шашевски