[Видео] „Доста нè труевте“ – Младите од Батинци на протест пред депонијата „Дрисла“

„Доста не труевте“, „Сакаме чист воздух“, „Оставиме да дишам слободно“ беа само дел од пораките кои вчера на протест пред депонијата „Дрисла“ ги испратија стотина жители на скопското село Батинци и околните населени места.

Протестот го организираше граѓанската иницијатива „Младината на Батинци“. На собирот беше побарано осовременување или затворање на депонијата, додавајќи дека огромен дел на жителите имаат проблеми со белодробни заболувања, инфекции и рак поради загадувањето, кое сметаат дека доаѓа од „Дрисла“.

„Оваа околина – Батинци, Драчево, Сопиште е многу загадена. Не може да успее ниедна бавча. Луѓето се чудат – како порано можело, а во последното време не. Затоа што сè е загадено – и воздухот и земјата и подземните води“, рече Сених Браховиќ од „Младината на Батинци“.

Тој во изјавата посочи и дека речиси две третини од пацинетите во локалната амбуланта имале проблем со белодробни заболувања.

Граѓаните потенцираа дека нивното главно барање не е дислоцирање на депонијата, туку почитување на европските стандарди, преку инсталирање соодветени филтри и печки кои нема да ја загадуваат средината. На протестот тие побараа средба со надлежните на која ќе ги образложат нивните проблеми.