О2 Иницијатива: Без казни и одговорност, нема абер да се среди состојбата во државата

На башибозуков во државава, каде никој не е казнет за ништо, а неказнивоста станува карактерна особина, одговорните институции уште се фалат со драстично намалување на казните, реагираат од „О2 Иницијатива“ објавувајќи видео од јавен настан, каде спротиставени ставови за казнување во животната средина имаат претставник на Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС) и претставник од ЕУ.

Дарко Блинков од ДИЖС го претставува за успех тоа што ги намалиле казните за 75% годинава, но за разлика од него Никола Бертолини од ЕУ делегацијата категорично смета дека казни мора да има и истите дека треба да се највисоки.

„Менталитетот, за кој сите толку многу зборуваме дека нè прави поразлични од сите други, нема да го оправиме со прогледување низ прсти за криминалот што ѝ се прави на природата и врз нашите животи. Менталитет на цивилизиран народ се гради со добро организиран, неселективен систем кој мора да функционира и да го санкционира секој починител на штета на општото добро. Тоа се воспитните мерки на развиениот свет, да не си се лажеме“, соопштува О2 Иницијатива.

Кога сме кај казните, велат еко-активистите, Комисијата за спогодување при Министерство за животна средина и просторно планирање уште не одлучила за казните за хаваријата на челичарата од 22.09 што го пожолте Вардар и доведе до помор во него и за хаваријата во маслодајна во Велес од 27.09, иако, нагласуваат тие, законот бара итност за вакви постапки.

„Параспуров од држава, без високи казни и конечно понесување на одговорност, инаку нема абер да се среди. Ќе ни владее корупција, криминал и мафија, а од држава ни Д нема да ни остане. Веќе сме таму“, забележуваат од О2 Иницијатива.