Македонски дебатерски подвиг: Без поддршка од УКИМ до финале на Светското првенство

Милка Геровска и Теодора Столевска, кои го претставуваа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Светскиот универзитетски дебатен шампионат во Солун, постигнаа огромен успех иако речиси до првенството, не знаеле дали ќе можат да си дозволат да учествуваат. И покрај првичното разочарување и неизвесност до самото пријавување, македонските дебатерки постигнаа најдобар резултат досега, стигнаа до самото финале и го освоија третото и четврто место како индивидуални говорници на престижниот светски натпревар.

Тие велат дека шампионатот во Солун бил нивен прв настап на едно светско дебатно првенство. Минатите две светски првенства кои се одржувале во Малезија и Индија било невозможно да се посетат, поради немањето финансиска помош за патот и за партиципацијата.

„За мене и Милка Светското беше вистинско патешествие од секоја гледна точка. Воопшто не бевме сигурни дали ќе имаме средства да одиме на првенството. Во неколку наврати размислувавме дали можеме сами да го спонзорираме нашето одење таму, но беше прескапо. Сѐ до декември мислевме дека нема да можеме да одиме. За среќа, организаторите беа емпатични кон нас и чекаа да дознаеме дали ќе најдеме средства. На крај Младинскиот образовен форум ни ги покри трошоците“, вели Столевска, инаку студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Со оглед на тоа што Солун е релативно блиску, најголем проблем за Милка и Теодора била партиципацијата за првенството која изнесува 400 евра за секој учесник. Дополнително се разочарале, велат, кога во Солун дознале дека од 350 тимови учесници, речиси на сите, дури и оние од помали земји во Африка и Азија, универзитетите им ги покриле партиципациите.

„Од другите тимови разбравме и дека освен тоа што универзитетите им спонзорираат големи настани како светското и европското првенство, ги праќаат и на подготвителни турнири пред да одат на важни натпревари. Слушнавме и дека има универзитети кои бараат дебатери да настапуваат во нивно име, особено доколку претходно оствариле некаков успех. Се надеваме дека ќе се јави некој друг универзитет кој би сакал да нѐ поддржи, или дека можеби ова ќе го поттикне нашиот универзитет да почне да ни помага финансиски за понатаму да одиме на турнири“, додава Столевска.

Друга препрека за дебатерките бил фактот што немале ниту еден подготвителен турнир каде би можеле да вежбаат, освен Skopje Open, кој беше организиран од дебатната програма на Младинскиот образовен форум.

„Се обидовме да добиеме спонзорство праќајќи официјално писмо до Ректоратот. Не добивме никаков одговор. На Правниот факултет при УКИМ имаме Дебатен клуб, кој исто така не е финансиски спонзориран од страна на факултетот. Онолку колку што може, факултетот ни овозможува простории каде може да ги држиме предавањата, но за разлика од другите дебатни друштва, не ни помага при организирање на турнири. Годинава сакаме да го организираме Skopje Open таму, но се плашиме дека нема да имаме финансии да го покриеме парното на факултетот. Затоа последното издание го организиравме на ФОН, кој е единствениот универзитет кој секогаш ни излегува во пресрет и ни помага во било какви дебатни активности“, раскажува Столевска која е координатор и на дебатната програма во МОФ.

Геровска смета дека дебатата во Македонија допрва ќе се шири и привлекува млади луѓе, но за тоа е неопходна поддршка од институциите. Во соседните земји ситуацијата е далеку подобра отколку кај нас, смета таа. Столевска пак дополнува дека дебатните клубови во соседните земји добиваат голема поддршка.

„Секогаш им се на располагање факултетите за простории и слично. Во Србија имаше случај српски универзитет буквално да купи тим од Англија за да може да дебатира во нивно име. Мислам дека веќе го сфаќаат значењето на дебатата и како таа влијае на котирање на универзитетите на Шангајската листа. Тоа е основна мотивација на многу универзитети кога гледаат дека имаат квалитетни дебатери, прво да ги задржат своите дебатери, да им понудат соодветна поддршка, а доколку не можат да најдат добри дебатери во своите факултети, да пристапат кон купување на странски натпреварувачи“.

На европско првенство досега биле два пати, од кои еднаш сами си ги покриле трошоците, а вториот пат со спонзорство им помогнала компанијата Дивисион. За големиот успех на светското првенство во Солун, пак, мислат дека биле должни повеќе фактори. Имале добри тези, а велат дека можеби им послужила среќата.

„Конкуренцијата беше многу добра, на повеќето тимови со кои се натпреварувавме мајчин јазик им беше англискиот, но сепак добро се покажавме. Мислам дека пресудно беше тоа што кога си во соба со добри тимови, дебатата е многу подбра и толку подобар перформанс има самиот дебатер. Тоа беше пресудно да имаме одличен резултат, и како тим и како индивидуални говорници“, смета Геровска.

Столевска вели дека за средношколска дебата во Македонија има огромен интерес, но на факултетите сѐ уште не е развиена идејата дека дебатата постои како компетитивна академска алатка. Се надева дека нивниот успех ќе ги мотивира и останатите да дебатираат.

Велат дека сега се особено мотивирани и веќе ги планираат идните турнири.

„Во периодот од февруари до јуни секогаш има многу дебатни турнири. Иако сме ограничени со време и финансии, ќе се потрудиме да учествуваме на што е можно повеќе турнири, бидејќи сакаме да бидеме подготвени за европското првенство во Варшава“, вели Геровска.

С.Т.