Македонски алпинист почина во обид да го освои Монт Еверест

63-годишниот алпинист Георги Петков од Гевгелија почина вчера во обид да го искачи највисокиот врв во светот Монт Еверес, соопштија официјални преставници од базниот логор.

Медиумите објавија дека планинар колабирал пред Кампот три на непалската страна од врвот, на надморска височина од 7.200 метри.

„Нашиот тим во базниот камп ја потврдува неговата смрт“, изјавил организаторот на експедицијата Исвари Пудел од Хималајските водичи на Непал.

Локалните медиуми пишуваат дека алпинистот починал од срцев удар и е четврт смртен случај во оваа пролетна сезона на искачување на Хималаите.

Петков беше дел од експедицијата предводена од британскиот планинар и лидер за комерцијална експедиција, Тим Мосејдеј.

На поход кон искачување на Монт Еверест,  Петков тргна на 24 март годинава, а според планот требаше до крајот на месецот да се искачи на врвот и да биде шестиот Македонец на врвот на светот.

Георги Петков беше долгогодишен планинар и член на планинарското друштво Кожуф од Гевгелија.