Македонија на европското дно според перцепцијата на корупција

Македонија се наоѓа на 90-тото место (од 176 држави во светот), во друштво на Либерија, Мароко, Аргентина и Бенин, според последниот индекс на перцепција на корупција за 2016 година на Транспаренси Интернешнал. Во споредба со минатата година, Македонија има пад од 5 поени и само Косово има полош скор на индексот од европските држави.

Од државите во регионот, Словенија е на 31-во место, по што следуваат Хрватска (55), Црна Гора (64), Грција (69), Србија (72), Бугарија (75), Албанија (83), Босна и Херцеговина (83), Косово (95).

„Резултатите од оваа година ја истакнуваат поврзаноста помеѓу корупцијата и нееднаквоста, кои се гранат меѓусебно и создаваат злобен круг на корупција, нееднаква распределба на моќ во општеството и неднаква дистрибуција на богатство. Оваа врска истовремено го храни популизмот. Кога традиционалните политичари не успеваат да се справат со корупцијата, луѓето стануваат цинични. Се зголемува бројот на луѓе кои се насочуваат кон популистички лидери кои ветуваат дека ќе го прекинат кругот на корупција и привилегии“, пишува во извештајот на Транспаренси Интернешнл.

На врвот, според индексот на перцепција на корупцијата, се наоѓаат Данска и Нов Зеланд додека најлоши во светот се Северна Кореја, Јужен Судан и Сомалија.

„Во многу земји, луѓето се лишени од нивните најосновни потреби и одат гладни на спиење навечер поради корупцијата, додека моќните и корумпираните уживаат раскошен животен стил со неказнивост“, смета Жозе Угаз, претставник на Транспаренси Интернешнл.

Според извештајот, ниту една земја во светот минатата година не била блиску до перфектен скор на индексот, додека две третини од државите се наоѓаат под средината на скалата на која 0 е најкорумпирано, а 100 најчисто општество.

Индексот на перцепција на корупција се објавува на годишно ниво од 1995 година. Перцепцијата на корупцијата се одредува преку стручни извештаи и анкети на јавното мислење. Корупцијата, според методологијата која ја користи овој индекс, се дефинира како „злоупотреба на јавната власт за приватни цели“.