„Македонија има прекрасни места кои вредат да се посетат“ – студенти со онлајн кампања промовираат домашен туризам

„Летувајте и истражете ја Македонија“ – гласи онлајн кампањата на членовите на Истражувачкото здружение на студенти географи „Природник“. Тие направија селекција од 20 места вредни за посета, кои преку фотографии и информации периодов ги претставуваат на своите социјални мрежи со цел да ги промовираат убавините на земјата.

Според Александар Стојаноски, претседател на здружението, граѓаните полека почнуваат да се запознаваат со она што го нуди земјата.

„Можеби ќе звучи сурово, но реалноста е дека до пред неколку години, навистина голем дел од населението не знаеше што оваа земја може да понуди, какви природни и културно историски реткости поседува. За среќа, во последните неколку години сме сведоци на зачестено споделување на информации, фотографии и предлози за посета на локации во Македонија но и пред сè на зголемување на свеста на луѓето за заштита на тие локации“, смета тој.

„Негативниот тренд на ценењето на туѓото повеќе од нашето за среќа постепено се менува“, вели Стојаноски, додавајќи дека списокот на природни и културни реткости во Македонија е предолг.

„За летните одмори сите гледаме да избегаме што е можно подалеку и на што е можно поегзотични дестинации, притоа занемарувајќи го фактот дека и во Македонија има многу прекрасни места кои вредат да се посетат. Домашниот туризам од една страна ќе ве запознае со убавините на нашата земја, а од друга страна ќе ги помогне локалните бизниси и нашите сограѓани во борбата со економската криза предизвикана од светската пандемија“, гласи кампањата на „Природник“.

Стојановски препорачува посета на Националните паркови „Маврово“, „Пелистер“ и „Галичица“, како и водопадите Дуф, на Бабуна и Колешино. Покрај ова, на неговата листа се и вештачките езера, како езерото Градче во близина на Кочани, но Шар Планина и нејзиниот бисер Лешница, Осоговските планини, Кожуф, областа Порече во општина Македонски Брод и неколкуте пештери.

Постер на „Природник“ за онлајн кампањата

Како здружение тие ги советуваат граѓаните да се обратат до лиценцирани водичи и туристички агенции за информации поврзани со алтернативниот туризам, бидејќи како што истакнуваат, тие може да понудат искуство и микс на традиција, култура и природа.

„Посетата на сите овие места, но и на многу други се надеваме дека пред сè ќе влијае на подигнувањето на свеста кај нашите сограѓани за природните убавини кои ги има оваа наша земја, а кои во текот на изминатите години беа за жал запоставени и оставени на заборавот. Летувањето во Македонија се надеваме дека ќе се одрази и на понатамошната заштита на природата и промоци на туристичките потенцијали кога после корона вирусот би се вратиле во нормалта. За сега, ова летување во Македонија, може исто така и да ги помогне локалните бизниси, туристички агенции и работници во справување со кризата која не погоди сите нас“, вели Стојаноски.

На што да се внимава додека се кампува во природа?

Пред да се одлучат на кампување, Стојаноски ги советува граѓаните да се информираат кои се одредени, обележани и уредени места за тоа, бидејќи на тој начин ќе се зачува и природата. Информации за такви места, посочи тој, може да се најдат во локалните самоуправи и организираните кампови.

„А доколку сето тоа е се запази, тогаш секако да се прати временската прогноза, да се посетат најразлични достапни интернет сајтови за опрема за кампување, но исто така може да ги консултираат и планинарските друштва или лиценцираните водичи кои може дополнително да ги запознаат со начинот на кампување, ризиците, предностите и можностите“, предлага тој.

Во однос на сопствената заштита од Ковид-19 за време на летувањето, според Стојаноски доволно е да се следат протоколите и препораките донесени од Владата.

„Исто така, за време на летувањето граѓаните не треба да се заштитуваат само себеси и другите, треба да ја заштитат и природата. За жал, од пракса видовме дека нивото на свест пред сè фрлање на отпадоци како и заштита на излетничките места ни е на ниско ниво. Треба да внимаваме да не направиме дополнителен проблем и притисок врз животната средина“, забележа тој.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by ИЗСГ “Природник” / EGEA Skopje (@izsg_egea_skopje) on

Младите ентизијасти ја поставија Македонија на картата на дестинации за алтернативен туризам

Во последните неколку години, туристичките агенции, водичи, ентузијасти, но и експерти на полето на алтернативниот туризам вложуваат во негов развој и промоција во Македонија, вели Стојаноски. Тој се радува што студентите од Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, од насоката Туризам, по нивното дипломирање, продолжуваат да работат и да се надградуваат на ова поле.

„Младите ентизијасти, лиценцирани водичи постепено ја поставија Македонија на картата на дестинации за алтернативен туризам. Големата понуда на уникатна храна, места за планинарење, планински велосипедизам, јавање коњи, кајак, кањонинг, спелеолошки тури во пештери и многу други работи веќе станаа препознатлив бренд за Македонија, секако покрај големите туристички центри како што е Охрид и Охридското езеро“, вели Стојаноски.

Но, поддршката потребно е да се зголеми, истакнува тој. Според него, најмногу инвестиции се потребни во обука на кадар, промоција но и креирање на успешна приказна за промоција на алтернативниот туризам во земјата.

„Човечките ресурси ги имаме, потенцијалот на нашата држава ни стои на располагање, претпоставувам дека е потребно само желба да се спроведе нешто, нешто што ќе ја промовира Македонија, но и ќе ја заштити“, порача Стојаноски.

Инаку, онлајн кампањата е поддржана од страна на Универзитетско студентско собрание – УКИМ и Факултетско студентско собрание на ПМФ.

Емилија Петреска