Македонците најмногу користат канабис и апови без рецепти – во подем се и кокаинот и онлајн пазарите за дроги

Широка е употребата на канабис во Македонија, апчиња се лапаат „како бомбони“, а зголемено е и влијанието на онлајн пазарите на дрога. Притоа, има постојана стигма околу употребата на дрога, која продолжува да ги попречува отворените дискусии и пристапот до лекување. Стравот од правни
последици, социјалното расудување и загриженоста за доверливост придонесуваат за неподготвеноста да се оди на третман.

Ова се дел од заклучоците на Европското веб-истражување за употреба на дроги (EWSD) на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кое опфатило 862 испитаници, главно на возраст меѓу 25 до 44 години.

Според истражувањето речиси секој трет испитаник (32%) одговорил дека користел канабис во последните 12 месеци, а по него следат бензодиазепините (диазепам, лексилиум, ксанакс и сл.) без рецепти со 26% и ЦБД производите со ниско ниво на ТХЦ – 25%.

Кокаинот го користеле 18,4% од учесниците во истражувањето, а потоа доаѓа амфетаминот со 10,7% и екстази/МДМА 9,3%.

За канабисот, најчестата возраст за прва употреба е 16 години. Околу половина го употребуваат заедно со тутун или алкохол, додека 12,6% користеле кокаин во прав во истата прилика.

„Мотивацијата за канабис била првенствено ослободување од стрес и релаксација, при што значителен процент од испитаниците го користеле и за социјализација, подобрување на спиењето и регулирање на расположението“, стои во веб-истражувањето на ИЈЗ.

Типичното место за употреба било домот (72,7%), проследено со природа, јавни простори и музички фестивал или забави. Дури 53% признале дека управувале возило во рок од четири часа по употреба, што, според истражувачите, претставува опасност за сообраќајот.

„Малку повеќе од половина од испитаниците не доживеале никакви негативни или несакани здравствени ефекти од употребата на канабис, додека други пријавиле здравствени проблеми како што се проблеми со меморијата, тешкотии со концентрирање, анксиозност или реакции на паника и губење или зголемување на телесната тежина, меѓу другото“, се вели во документот.

Според истражувањето, марихуаната е најкористен вид канабис во Македонија. Најмногу (40%) не го знаат видот – за разлика од 20,4% што препознаваат домашна и 5,4% кога е увезена.

Главно се социјализираат кога пушат џоинт. Најчесто го споделуваат со други луѓе (56,9%), за разлика од 19,5% кои не го прават тоа.

Марихуана купиле 79% од испитаниците, додека 15,9% ја добиле бесплатно, а 2,1% сами ја произвеле. Мнозинството (60%) ја набавиле од пријатели или познаници, додека 51,6% ја купиле директно контактирајќи се со дилер.

Во однос на кокаинот, 91,4% од испитаниците користеле кокаин во прав. Исклучиво е шмркан со носот. За дури 92,1% во последната прилика бил придружен со алкохол, а 68,4% со тутун и 35,5% со марихуана.

Најчесто бил користен во клуб или бар (73,7%), но и дома (65,8%).

„Социјализацијата била примарна мотивација за користење кокаин во прав (65,8%), проследена со желбата да се крене расположението и да се забавува. Дополнително, 34,2% користеле кокаин за да се спротивстават на ефектите на алкохолот, 25% за да го намалат стресот или да се релаксираат и 18,4% да го подобрат сексуалното задоволство или перформанси“, е наведено во истражуањето.

Од аспект на корисниците на екстази/МДМА, повеќето земале за да „се кренат“, а 50% ги користеле за дружење. Дополнително, 27,5% навеле подобрување на сексуалното задоволство или перформанси, љубопитност/експериментирање и ослободување од стрес/релаксација како нивна мотивација.

Музичките фестивали и забави се најчестите поставки за употреба на екстази/МДМА, пријавено од 72,5% од испитаниците.

„Кога биле прашани за нивната типична потрошувачка на екстази/МДМА дневно, испитаниците изјавиле дека користеле една или две таблети, при што мнозинството укажувале дека земале една таблета. Повеќето (95%) конзумирале екстази/МДМА со голтање“, пишува во документот.

Употребата на амфетамини за да останат будни и за подобрување на перформансите е забележителна, при што многу испитаници пријавиле употреба на работа и на забава. Овој тренд сугерира дека некои поединци користат амфетамини не само за рекреативни цели, туку и како алатка за подобрување на продуктивноста или издржливоста.

„Повеќето корисници пријавиле повремена употреба, но забележлив дел (иако малку) пријавиле честа употреба, што претставува ризик од зависност и долгорочни здравствени компликации“, е наведено во документот.

Најголем број испитаници изјавиле дека не примиле никаков третман за употреба на дрога. И покрај индикациите за поголема потрошувачка, само 1,5% пријавиле третман за канабис и бензодиазепини.

„Најчести причини за избегнување третман биле стравот од стигма, правни последици и загриженоста за доверливост“, стои во документот.

Според истражувачите, потребата од насочени стратегии за намалување на штети е очигледна. Кампањите за подигање на јавната свест мора да се фокусираат на едукација на корисниците за ризиците од употреба на повеќе супстанци во исто време, возење под влијание и потенцијалните здравствени последици од консумирање нерегулирани супстанции.

„Зајакнувањето на услугите за намалување на штети, вклучувајќи безбедни простори за потрошувачка и анонимни линии за помош, може да ја подобри пристапноста за оние на кои им е потребна. Решавањето на стравот од правни реперкусии е исто така клучен. Креаторите на политиката треба да разгледаат алтернативи на казнените мерки, како што се програмите за декриминализација и пренасочување кои ги поттикнуваат поединците да бараат третман наместо да се соочат со кривични пријави. Зајакнувањето на пристапот до пристапни услуги за лекување и интегрирањето на поддршката за менталното здравје во програмите за интервенција може да ги подобри севкупните здравствени резултати“, е еден од заклучоците на истражувачите.

Компаративна анализа со ЕУ и Западен Балкан

Наодите од 2024 година за Македонија, споредено со податоците од 24 земји на ЕУ и земји на Западен Балкан (Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија), откриваат забележителни сличности и разлики во трендовите на употреба на дрога, начините на потрошувачка и мотивациите за употреба.

„Овие разлики се суштински за приспособување на политиките за дроги и стратегиите за намалување на штети на специфичните потреби во секој регион“, се вели во извештајот, во посебен дел именуван „Компаративна анализа“.

Пример, таму стои дека канабисот останува најчесто користена дрога во сите три региони, но сепак неговата распространетост значително варира.

„Во Македонија, 32% од испитаниците пријавиле употреба на канабис во изминатите 12 месеци, додека таа бројка била повисока во Западен Балкан (42%) и значително поголема во ЕУ (59%). Овој диспаритет сугерира дека употребата на канабис е пораспространета во ЕУ, што потенцијално ги одразува разликите во законските рамки, социјалните ставови и пристапноста“, наведуваат истражувачите.

Во однос на кокаинот, тој беше втора најпријавена супстанција и во Македонија (18,4%) и во Западен Балкан (21%), но неговата распространетост е повисока во ЕУ (29%).

„МДМА/екстази се со сличен тек, при што употребата ја пријавиле 9,3% во Македонија, 14% во Западен Балкан и значително повисока 30% во ЕУ. Ова сугерира дека употребата на стимуланси, особено кокаин и екстази/МДМА, е повеќе вградена во начините за рекреативна употреба на дрога во ЕУ во споредба со Македонија и поширокиот регион на Западен Балкан“, се посочува во извештајот.

Друга критична опсервација е употребата на бензодиазепини без рецепт. Додека 25,9% од испитаниците во Македонија пријавиле таква употреба, таа била нешто помала во Западен Балкан (22%).

„Наодите на ЕУ не ја истакнуваат употребата на бензодиазепини толку значајно, што сугерира дека ваквата непрепишана консумација може да биде погорлив проблем во Западен Балкан и Македонија, потенцијално поврзан со предизвиците на менталното здравје и самолекувањето“, е потенцирано во документот.

Еден од најзагрижувачките аспекти во сите региони бил нискиот процент на барање третман за употреба на дрога. Помалку од 3% од испитаниците (за различни видови на дрога) во ЕУ, Западен Балкан и Македонија биле на третман во последните 12 месеци.

„Стравот од правни последици, социјалното расудување и загриженоста за доверливост придонесуваат за неподготвеноста да се побара помош. Спротивно на тоа, додека ЕУ исто така известува за ниски стапки на третман, услугите за намалување на штети и политиките за декриминализација на дрогата може да ублажат некои бариери за пристап во одредени земји-членки“, е констатирано во документот.

Бојан Шашевски