„МАГДА“ организира „Game Jam Plus“ – интернационален натпревар за развивање игри

Во организација на Македонската асоцијација за развивање на игри – „МАГДА“ ќе се оддржи „Game Jam Plus“, интернационален натпревар за развивање на игри во траење од 7 месеци.  Онлајн настанот има 4 фази и ќе започне во петок, 8 октомври, а учеството е бесплатно.

Сите заинтересирани можат да се пријават преку страната „Eventbrite“.

„Game Jam настаните се вид на хакатони на кои земаат учество професионалци од сферата на ИТ и дигиталните уметности, студенти и ентузијасти кои ги интересираат дигиталните игри. На настанот тие работат во тимови и според зададена тема разработуваат идеја и создаваат прототип на дигитална игра“, објаснуваат од „Магда“.

Концептот за „Game Jam Plus (GJ+)“, потекнува од Бразил, а годинава ќе се одржи шестото издание на глобалниот натпревар. Натпреварот секоја година се  проширува во нови земји и веќе се организира на сите континенти.

GJ+ е хипер маратон, а го носи и името „Game Development World Cup“. Натпреварот кој трае 7 месеци е поделен во 4 фази:

  • „Game Jam“ на локално ниво, во тек на викендот од 8 до 10 октомври
  • Акцелераторска фаза за најдобрите игри од првата фаза. Тимовите работат заедно со ментори – професионалци од интернационални компании. Се одвива во тек на 3 месеци од ноември до јануари 2022 година
  • Третата фаза почнува во февруари 2022 година кога се оддржуваат 5 големи настани за избор на најдобри игри на ниво на континент.
  • Во мај 2022 година ќе се одржи големо финале во кое учествуваат 2 игри од секој континент.

Проектот има за цел да им овозможи на тимови од различни земји да се претстават интернационално, да се сретнат со колеги, ментори, инвеститори и продуценти, како и да добијат бизнис и маркетинг поддршка.

„Во изминатите години видовме голем број на извонредни идеи и прототипи на игри. Доколку тимовите би продолжиле да работат на нив има реална шанса да се добијат квалитетни производи, привлечни за продуцентите и инвеститорите.  Тука може да се пријави секој кој сака да се дружи и да развива игри, но се надеваме да се пријават и амбициозни тимови кои би биле забележани на европско ниво, и уште подобро да се пласираат на светското финале“, порачуваат од „Магда“.