Ловро Крсник се враќа да чита пред Влада, овој пат за поддршка на просветните работници во Хрватска

Хрватскиот режисер Ловро Крсник кој стана познат на балканските простори со неговата иницијатива за јавно читање на лектири се враќа на улица, но овој пат во поддршка на просветните работници кои периодов штрајкуваа и протестираа за подобри услови.

Крсник повеќе од три месеци застануваше пред Владата на Република Хрватска во Загреб и на глас читаше дел од лектирите кои беа тргнати од листата на задолжителни лектири од основните и средните училишта. Воедно, се вклучуваше во живо на социјалните мрежи со хаштагот #idaljecitam. Тоа се заокружи во мај со истовремено читање во 14 градови.

Крсник им посака на илјадниците просветни работници кои излегоа на протест минатата недела да не се откажуваат од своите барања.

„Затоа одлучив секој ден, симболично во 18:11 часот (едно од барањата на просветните работници е зголемување од 6,11% на коефициентите) на Марков плоштад пред Владата и Собранието по 45 минути (1 школски час) на глас да ја читам „На работ на разумот“ на Мирослав Крлежа“, соопшти на својот профил, вклучувајќи се во живо.

Крсник ќе се вклучува во живо преку неговиот профил на Фејсбук и Инстаграм профилот на иницијативата.

Најави дека ќе чита додека властите и просветните работници не воспостават заеднички договор.

„Не сте сами и нема предавања“, порача тој.

***Крсник беше наш гостин на ENGAGE, Конференцијата за социјален активизам. Во продолжение, прочитајте го интервјуто со него:

[Интервју] Ловро Крсник, #IdaljeCitam: Ако се бориме за нешто што е важно, за тоа е потребно време