[Интервју] Ловро Крсник, #IdaljeCitam: Ако се бориме за нешто што е важно, за тоа е потребно време

Укинатите лектири во основните и средните училишта низ Хрватска се мотив за „борба“ на Ловро Крсник. Младиот режисер од Хрватска, повеќе од три месеци ги чита лектирите како „Дневникот на Ана Франк“, „Малиот принц“, „Пипи Долгиот Чорап“ или „Куќата на ежето“ пред Владата на Република Хрватска. Од надлежните нема никаква реакција досега, а вели дека социјалните мрежи играле огромна улога во ширењето на иницијативата.

Тој учествуваше на ENGAGE, Конференцијата за социјален активизам, а во интервју за Радио МОФ зборува за почетокот на иницијативата, работата како театарски режисер, поддршката и неговиот мотив.

Што се случуваше претходните деведесетина дена и како се промени вашиот живот?

Пред 94 дена, донесов одлука секој ден по 60 минути пред Владата на Република Хрватска да читам една од книгите, лектира, кои ги тргнаа од листата задолжителни лектири од основните и средните училишта. Како граѓанин и театарски режисер, кој напорно работи, проценив дека можам да одвојам 60 минути од своето време, секој ден. Отворив страница на социјалните мрежи како Инстаграм и Фејсбук насловена „И понатаму читам“ (I dalje citam), секојдневно се снимам во живо, за да можат да ме следат луѓето кои не можат да дојдат на читањето и да можат да учествуваат во самата иницијатива.

Зошто го направивте тоа, како се случи моментот кога си рековте – јас морам да направам нешто?

Се чуствував тажно и немоќно како човек, сфаќајќи дека сите книги со кои јас пораснав нема да им бидат познати на новите генерации кои доаѓаат. Ова беше прв пат во мојот живот да направам нешто од идеја до реализација, во толку малку време. Често некоја идеја ми паѓа на памет, а потоа мислам во себе, денес врне дожд, па сега паѓа снег, денеска не сум доволно спиен… за ова едноставно почувствував како тие ликови беа тука за мене додека јас бев дете, па сега е време и јас да бидам тука за нив.

Кои се луѓето кои те поддржуват, дали се само најблиските?

Тоа е точно, но поддршка се и други поединци кои се појавија, денеска баш една госпоѓа Нена Блажевиќ, која скоро од почетокот на проектот, преку кој и се запознавме, во 18 часот ќе чита пред зградата на Владата на Република Хрватска, додека јас ќе читам пред зградата на Европската унија, тука во Скопје (на 18 јуни, по завршувањето на Engage н.з.). Така што, не сум сам, преку проектот се запознав со некои неверојатни луѓе, кои инаку немаше да ги запознаам, но кои ја делат истата страст и желба и понатаму да се чита и да се држи вниманието до она што ни е вредно.

Две од укинатите лектири ви се посебно важни. Зошто?

Најважните,помеѓу останатите, се „Дневникот на Ана Франк“ и „Садахо сака да живее“. Има и други кон кои сум сентиментално поврзан како „Пипи долгиот чорап“, „Куќичката на ежот“ и „Малиот принц“, но „Садахо“ и „Ана Франк“ како тема го обработуваат  холокаустот и употребата на атомско оружје, тоа се теми кои денеска можат да бидат многу актуелни и спрема кои се стремиме во иднина да не се повторат. Но, кој е подобар пример за повторување на историјата? Очигледно на оние кои тоа им е во интерес содржината на тие книги да се отстрани од листата на лектири, за новите генерации да немаат еден емпатичен допир со тие теми, туки со нив би се сретнале фактографски во историјата, каде истата се сведува само на броеви. Додека, книжевноста ни допушта ние да се соживееме со темата, а откако ќе ја прочитате книгата сигурно не можете да останете индиферентни спрема темата за холокаустот или атомското вооружување, а на денешните генерации и на денешното време ова и тоа како му е потребно.

Што велат од Министерството за образование во Хрватска?

Апсолутно ништо, во овие 94 дена никој не ми се обрати. Единствено во контакт сум со полицајците кои ја чуваат зградата на Владата, со нив скоро станав пријател, се поздравуваме по име, како да сме соседи. Но, надлежните сосема ја игнорираат иницијативата.

Работите како режисер, што се случува на културната сцена во Хравтска?

Не е лесно, моментално работам како луд. Човек мора да прифати се што му се нуди, зошто никогаш не можеш да знаеш што ќе ти отвори некоја нова врата. Често она што го работиш, не одговара на стилот со кој сакаш да работиш, но сепак ти пружа можност од тоа да преживееш. Еве јас имам среќа, да живеам од својата работа, но мораш да се вложиш и не можеш да чекаш можност, туку можноста мора сам да ја создадеш.

Дали оваа иницијатива може да биде инспирација за вашата работа, како режисер?

Па многу е веројатно, ме промени како човек, затоа што додека се трудиш да ги промениш другите, на некој начин се менуваш и себеси. Нема работа која што сум ја работел толку долго, во која толку долго опстојувам. Некои од тие книги одново ги прочитав, сега во моите очи како возрасна личност се сетив колку многу ми значат, открив и некои нови книги. Можеби ќе направам и некоја авторска претстава поврзана со оваа тема „И понатаму читам“.

Што сакате да остане запаметено од иницијативата?

Она што на прво место се трудам да променам, е всушност идејата, ако се бориме за нешто што е важно,  за тоа е потребно време. Денес сите протести кои се организираат, ако воопшто ги има, се организираат еднократно. Луѓето доаѓаат викаат, се дружат, се веселат, делат мислења неколку часа, потоа си одат дома, и тоа е тоа. Со својот пример, како човек кој екстремно многу работи покажувам дека може да се одвои време, ако навистина ти е важно,  и дека тоа време е потребно на долги патеки, за да се стигне до нешто, да се чуе пораката и да дојде до оние кои делат иста искра со вас. Тоа ми е најважно.

Имате ли план, што понатаму со „И понатаму читам“?

Еве се приближувам кон 100-тиот ден, сега сум во дилема дали да застанам или не. Колегите ми делат различни совети што да правам, но кога доаѓаме до практичниот дел, тогаш сум пак сам во ова. Најлесно е да се застане, но сега се направи една интересна лавина, која без обзир на тоа што на моменти се чини дека не постои, повторно, на пример како овој повик на „Енгејџ“ и си викам ќе видам, секој ден е борба, но еве опстанувам и понатаму.

Ј.Ј и М.К.