Љубов, сплотеност и емпатија – 20 години „Боб Марли ден“ во Македонија

Парк. Школка. Музика. Луѓе боси играат хеки или лежат на трева. Некој се ниша на хамок, друг на ритам. Деца прават балончиња од сапуница. Поминува и по некое пивце низ рака, главно се насмевки и шаренило. Дваесет години наназад овие денови (11-13 мај) вака изгледа сликата во скопскиот Градски парк. Виновникот е Боб Марли – 11 мај, денот на неговата смрт, или по нашки денот на љубовта, обединувањето и слободата на луѓето.

Од 2003 година па наваму, генерации на разни луѓе, од сите возрасти, религии, раси овој ден од годината го слават постоењето на добрите работи и чувства во животот. Или подобро кажано, барем еден ден од сите 365 земаат здив за да се присетат како е да се живее добро и убаво. Сè се тоа светулки, би ги нарекол Чарли, Дејан Трпковски кој веќе две децении неуморно и безусловно го расте ова фестивалско дете. Денот на Боб Марли или Боб Марли ден – како сакате, денес е митска стварност за љубовта што ги гушка сите кои се спремни да ѝ го дозволат тоа.

Денот на Боб Марли 2019 / Фото: Радио МОФ

Таму уште од самиот почеток, креатор на идејата за градење на оваа реге-спојувалка, Чарли вели дека визијата ја замислил како жариште од заразни точки на енергија.

„Тој ден сум го замислил како ден или како точка што ќе ги зарази другите точки или денови во годината. Точка што ќе биде како светулка, светулче што ќе зрачи. Сакав ‘One Love’  да остане на луѓето. Подобро да нема ништо посебно, ама да биде чисто. Бебето да не биде нешто ‘вау’, ама да биде здраво, среќно и весело. Секогаш уживање, колку и да си преморен, тој ден ми е ден за исцелување и сум сакал со тој ден Скопје и Македонија да завибрираат во вибрацијата на љубовта или на сполтувањето, обединувањето, емпатијата – тоа се паролите. Ми викале ‘ти си фантазер’. Да, ама не можам никогаш да престанам да верувам во тоа. ‘Во утопија – не е можно’, викале.  Можно е, барем еден ден би сакал на Фејсбук да има само позитивни настани“, раскажува Чарли во муабетот што го правевме пред неколку дена.

Дејан Трпковски ака Charley

Откри дека не е сигурен дали првиот настан е 2003 или 2002 година, бидејќи како и многумина од нас, го збунила короната што направи да замре сè околу. Вели, „славев и лани 20 години, не знам, ама еве 2003 нека е официјалната“.

„Седиме на клупа, карши школка. Во тој период пред 20 години се погодија некои луѓе, помлади од мене ама со слична енергија, нема врска тоа, моментот е со слична вибра. И само му се обраќам тогаш на Јоцо, ти ќе идеш во ЕВН и ќе ја донесеш струјата. Тој ми вели; ‘Како Чарли, не знам никој таму?’, Јас му реков; ‘ти си струјата’. Буквално после 2 саати, Јоцо се враќа и вика ‘Чарли на чичко ми другар бил таму, ќе имаме струја!’ После дојде на ред озвучување, ставивме кутија да собереме некој денар, колку собереме толку. Потоа отидов во Град Скопје, ни требаше дозвола. Многу е важно да си светулка во моментот, ако си, нема шанси да ти кажат не“, се присетува тој.

Првиот Боб Марли ден бил во понеделник, или вторник и бил точно на 11 мај, денот кога големиот Боб Марли починал. Чарли ми кажа дека според јамајканските погребни ритуали телото опстојува 9 ноќи пред да се закопа и тоа е период на славење на неговиот живот наместо на оплакување, па Марли бил закопан на 21 мај. Настанот во Скопје, првите неколку години се одржувал на 11 мај, со тоа што се правела само денска журка.

„Беше од 10 сабајле до 8 вечер и имаше 200-300 луѓе. Од тоа ги собравме парите и му ги дадовме на овој со озвучувањето. Тогаш беше многу поинаку, но имаше потреба од светулки, зошто 2001 година беа убиени многу од светулките и тоа се чувствуваше во воздухот. Но,  како што поминуваат годините, луѓето доаѓаа и ми бараа дај барем уште еден саат. И ете сме пак до 1“, се смее Чарли.

Инаку, Чарли на скопјани, а и пошироко им е познат по тоа што селектира музика и тоа не само реге, туку и рок и други жанрови. Сепак идејата за правење реге настан победила над другите.

„Боб Марли сум го земал затоа што што бил широк – го сакаат и помали и возрасни. Обединува многу луѓе и сум размислувал дали да правам блуз фестивал, рокенрол или Боб Марли, ама научив да ја слушам душата. Таа збори како пеперутка. Таа секогаш ќе те води, ако ја оставиш. Умот вика ‘Еј, зошто Боб Марли, направи Аца Лукас, ќе земеш повеќе пари, сигурно ќе има повеќе луѓе.’ Може не повеќе луѓе, ама сигурно може да има нешто лошо, убиства…еве 20 години немало ништо агресивно, нема ни обезбедување. Кога викам луѓе да пуштаат музика, им велам треба да гледаш во луѓето, не сакам тука тепачки. Едноставно спушти ги. На сите што пуштаат им го кажувам тоа, мора да си ти менаџер. Ние сме обезбедувањето. Мора да ги возиш – тоа е спецификата“, раскажува тој.

„Боб Марли Ден“ во 2010 година

 

Во текот на овие две децении откога се одржува, на Школка настапиле многу музичари, бендови, селектори на музика. Сепак, Чарли, Ely Rasta Girl, Membaquinn, Geto Rudi – кој порано кој подоцна од нив се приклучил, се редовен дел од програмата, а освен на 11 мај, настан во чест на Боб Марли прават и на неговиот роденден – 6 февруари.

Membaquinn е млада селекторка на музика од Куманово која со музика се бави веќе 11 години, а и 11 години е дел од настанот. Вели кога се пронашла во регето не знаела за настаните што се организираат во Скопје, а почнала да пушта музика токму на еден таков подоцна, заедно со Чарли.

Membaquinn

„Некако на ‘Боб Марли ден’ во парк може да се почувствува енергијата на која Боб нè учи низ неговите песни. Има некоја моќ во денот, сите уживаат од новороденчиња, до најстари лица и домашни миленици. Генерациите се менуваат а Боб Марли сè уште живее. Светот би бил поубав ако секој ден се сакаме и пееме како што се гушкаме на ‘Боб Марли ден’. Се сеќавам, 11 мај 2017 година ‘случајно’ баш тој ден правев 4Д скрининг. На сликата што ми ја дадоа, ќерка ми ме поздрави со ‘peace’, а можеби и Боб Марли ме поздрави, не знам. Битно моментот кога го видов тоа никогаш нема да го заборавам“, се сеќава таа.

Membaquinn пушта реге, рутс, ска, џангл, рокстеди, блуз…За Радио МОФ посочува дека во реге сцената на прсти се бројат раста селекторите, „ама не се даваме“, вели, а патем додава „И нормално секоја чест за браќата од Тетово ‘Conquering Lion’ кои се најактивни на реге сцената и веќе 16 години со авторска музика, како и Суперхикс кои догодина слават 30 години на сцена“.

„Тоа што владее сега на сцената, според мене е музика од непознато потекло. И затоа можам да кажам дека се трудам да го одржам пуштањето, баш од таа причина да се задржи духот на реге музиката. Секогаш имало фидбек од публиката колку и да слушаат ‘српско’ не постои човек што не знае кој е Боб Марли или Еди Грант. Слушајќи ги песните на Боб Марли се потсетуваме на најбитните работи што треба да нè водат во секојдневието. Славете љубов, живот и мир. Не судете пред да се осудите себеси. Не судете ако не сте подготвени за судење“, истакнува раста селекторката.

За (не)активната млада реге музичка сцена Чарли вели дека отсекогаш имало помалку бендови отколку диџеи.

„Не е точно тоа ‘еј знаеш ние тогаш’, секогаш сегашноста е подобра, не подобра, одлична, прекрасна. Има прекрасни дечиња, прекрасни млади луѓе, ама како да ги видиме? Еден куп луѓе сум ги фатил за рака – ајде. Кога ќе го видиш човекот важно е да има нешто, да има некој напон плус во него. Животот треба да го земеш во свои раце, или поточно да не му сметаш, туку да се усогласиш со него. Не е битно дали ќе имаш финансиски успех, битно е дали си среќен. Понекогаш треба да се верува во себе, не треба да бидеш вау за тоа. Не постои збор најдобар, нема најдобар. Тоа е илузија“, поентира Чарли.

За овој фестивал секогаш има отворен повик за млади бендови, сепак, вели Чарли, и короната си го направи своето. Ама со убава енергија се привлекуваат убави работи. Годинава, покрај локалната екипа кон која се приклучуват и Yana Aether и Мартин Јовчевски, на Школка ќе настапат и Bandicoots Marley Tribute band, Khaleen Haye и Lee Mccory.

„Годинава се погодија коцките, доаѓаат тројца странци, и тоа кој случајно беше тука, кој требаше да прави заби, па успат. Не можам да земам бенд или некој од надвор, сето тоа кошта финансии, тоа не се мали пари. 20 години никој не земал големи пари од настанов, затоа што немало. Ако не си во партија, ако не си свинско црево со некого, никој не ти дава кеш 5.000 евра туку – така. Можеме да најдеме пари за патни трошоци, нешто такво. Секогаш има можности за тоа, но не и за повеќе“, посочува тој.

Досега 2-3 пати се обидел да ги контактира во Министерството за култура за финансиска поддршка на настанот. Ниту еднаш не добил одговор. Најчесто поддршката ја наоѓа во Град Скопје, но годинава ни оттаму не помогнале парично.

„Овој настан е аполитичен, 20 години го чуваме од политичките партии, а секогаш пробуваат да го чепнат. Од Град Скопје ми рекоа дека касни конкурсот. Јас сум самиот спонзор. Ги ставив на постер, за ако утре помине на конкурсот да може да го видат плакатот и да ми одобрат некои средства“, упатува тој.

Искрено раскажува дека никогаш не го интересирале години, идентитет, историја. Вели дека сè што денес се цени е илузија и сè што се вреднува како број еден е всушност обратното.

„За да дознаеш што е број еден прашај ги растенијата и животните, они ќе ти кажат што е број еден. Децата, растенијата и животните ми се омилените учители во животот. Исто и за настанот, ако го правам, го правам со леснотија. Дента кога ќе ми натежне, кога ќе ја изгуби мисијата, смислата, нема да го правам. Пошто не ми е идејата да купам стан, мојот стан е невидлив, се наоѓа внатре. Не е стан, туку е фонтана, дечиња како си играат, фонтана. Значи градење на поинаков свет. Тоа било отсекогаш. Да биде светулка и да летне на другите денови. Ние сме креатори на времето. Тоа беше идејата, еден ден во годината да ги зарази другите денови, не само со реге, со музика и свесност и со ритам на срце. Во Запад прават фестивали ‘вау’, ама они ги прават. Ние живееме тука и ние треба да се грижиме за ова поднебје, ако не ние, кој друг ќе се грижи?“, поентира Чарли.

Доколку некогаш има повеќе финансии отсега, смета дека би можело да се направи пристоен фестивал петок-сабота, на некоја мирна локација. Доволни се 100-200 шатори и се разбира – светулки за да бидне, но тоа останува на времето.

Околу времето, многумина ентузијасти за еден од омилените денови во годината прашуваа дали ќе врне, како ќе се организира ако врне. Чарли вели дека не се наоѓа маана на сонце или дожд, сеедно е какво ќе биде, важно е како ќе направиме да биде.

„Регето се штелува, нема величина. Меѓу вистинските музики тоа те враќа во вистинската состојба. Кога си малце онака помалечок, сè ти е океј, на сè се радуваш. Светулката иде кај тој што е мирен, насмеан, таа не сака агресија, оди кај тој што може да ѝ отвори врата. Светулки не идат кај што има бумбари, пчели, тие одат каде што има многу насмевки. Многу е битно да се верува во тоа“, порачува Чарли за крај.

***

„Боб Марли ден 2023“ ќе се одржи утре (13 мај) на старата добра локација – Школка во Градски парк. За времето не се секирајте, денешните сончеви зраци срамежливо му се насмевнаа на текстов, а утре – ќе светат, само уште посилно!

Ангела Бошкоска