[Интервју] Џулијан Марли: Чувствувам дека луѓето во Македонија сакаат реге музика

На првиот ден од „Д Фестивал“, на главната бина во 22 часот настапи светски познатиот реге артист Џулијан Марли кој пристигна во Македонија од Велика Британија. Бината се обои во зелено, жолто и црвено, а атмосферата се преточи во јамајкански спиритуален одѕив што Марли активно го пренесуваше за време на целиот свој настап.

Тој се забавуваше заедно со публиката што броеше неколку илјади луѓе, сите во еуфорична форма под влијание на позитивните вибрации што ги оддаваа звучниците и неговиот глас.

По настапот, во интервју за Радио МОФ, Марли ги потврди впечатоците и ни кажа дека ја почувствувал енергијата на присутните.

„Имав прекрасна вечер, навистина е убаво да бидеш овде, во Македонија. Чувствувам дека луѓето овде сакаат реге. Всушност, слушнав дека пред два месеца овде имало концерт посветен на Боб Марли, и бев многу позитивно изненаден“, изјави тој.

Џулијан Марли е син на Боб Марли, а во Македонија секоја година во мај се организира целодневен музички настан „Боб Марли деј“, во знак на почит кон животот и делото на најзначајнaта реге икона на сите времиња.

„За жал, не знам реге бендови што се од Балканот, сѐ уште не сум имал шанса да слушнам, но можам да ви кажам дека навистина сакам да дознам нови артисти, движења и бендови“, рече Марли.

Неговата најголема мотивација да се занимава со правење реге музика што инспирира е, како што вели „луѓето и Бог, нашиот создавач и самите ние“.

„Сакајте го вашиот сосед како што се сакате себе, тоа е мојот совет кон другите“, вели тој.

На прашањето дали ќе дојде повторно да настапува овде, тој потврдно одговори.

„Би сакал да се вратам овде. Следниот пат би сакал да ги видам луѓето уште поотворени, да дознаат повеќе за природата, за храна што не е преработена, туку е природна, за природните билки и нивното дејство како што е насекаде во светот“, вели реге артистот.

Марли во моментов е на музичка турнеја низ Европа. За во следниот период најавува уште нова музика. Неговата последна песна проследена со видео спот е насловена „The tide is high“.

Ангела Бошкоска

Фото: Радио МОФ