[Интервју] Констракта: Публиката е заситена од поп музиката на Балканот, убаво е кога има промени

Годинешната српска претставничка на Евровизија, Констракта со моќен настап на последниот ден на „Д фестивал“.

Бендот само што застана на сцена, почна да ја свири првата нумера, а публиката почна да пее истовремено со Констракта, по што следеше мини концертот со необична приврзаност меѓу неа и сите во публика.

Ана Ѓуриќ за прв пат под името „Констракта“ настапи во Македонија, претходно таа има настапувано со инди поп групата „Земља грува“ каде е поранешен член. И покрај тоа, за време на едночасовниот настап публиката го презеде микрофонот на сите песни што придонесе взаемниот однос да биде налик опиплива магија.

Во интервју за Радио МОФ, по настапот, популарната поп пеачка својот перформанс го опиша како прекрасно чувство.

„Навистина убаво си поминав, само што беше кратко, ама сепак тоа е фестивалски. Малку бев изненадена и што публиката ги знае песните. „Земља грува“ имаше своја верна публика, но не олку масовна. Нешто се случи во изминатите неколку месеци и луѓето слушнале, не само од Констракта, туку од тоа што го правеше „Земља грува“, се запознале со сето творештво. Убаво е кога излегуваш на сцена и добиваш поддршка, а особено кога со концерт можеш да ги инспирираш да дознаат повеќе песни“, рече таа.

Додека пееше, во еден момент се случи нешто со каблите и таа требаше да го замени микрофонот за да се слуша. Откако смени четири, таа се пошегува дека таму каде што има човек и технологија секогаш се случуваат грешки.

Голем дел од присутните за прв пат ја слушаа во живо, но изгледаше дека сите се движат со истата концертна еуфорија. Уметницата освен со енергичната изведба на песните директно поставуваше прашања што уште повеќе придонесе да се подигне атмосферата.

„Сретнав една личност што ми рече дека Македонија ја излечила. Толку ли ви е убаво овде? Убаво ли ви е во Македонија, македонци?“, рече таа, а илјадниците насобрани ја поздравија со раце во воздух во знак на почит и благодарност.

Српската евровизиска претставничка ја остави „In corpore sano“ за крај како доследен поздрав со македонската публика. Евровизиската песна е дел од видеото „Триптих“ заедно со песните„Nobl“ и „Mekano“. Со објавата на целиот проект, Констракта промовираше нов стил на критичко изразување музика, односно критичко музицирање. Победата на „Беовизија“ и пласманот на еврозисикиот контекст каде заврши петта направи таа да се прослави на меѓународно ниво, а особено на Балканот.

„’Триптих’ е најсвежото нешто што го направив, во таа смисла можеби е најзрело и најмногу се поклопува со моите лични ставови. Всушност ‘Триптих’ не искажува јасни ставови туку повеќе ја констатира мојата перспектива кон светот“, сподели Констракта.

Таа појасни дека „Триптих“ е производ инспириран од многу настани и создаден за време на пандемијата, поточно како што вели, во периодот кога се размислуваше и процесираше.

„Би сакала да продолжам со тој стил на изразување. Сега за жал немам толку време, но ќе видиме како ќе одат работите понатаму. Имаме и една песна што настана уште пред „Триптих“ што наскоро ќе биде објавена. Тоа е лесна, љубовна песна, за нешто како „Триптих“ е потребно време и за тоа ќе мислиме понатаму“, забележа поп пеачката.

Според неа ретко се случуваат поместувања и промени во било кој жанр на музика, но смета дека тоа е секогаш добро кога се случува. Нејзиниот најнов проект е различно движење што ја разбранува поп музиката на Балканот во изминатите неколку месеци. Кога ја прашавме дали навистина е потребна промена во изведбата на поп музиката на овие простори, Констракта забележа дека изборот на публиката е секогаш носител на промената.

„Не знам дали ѝ треба промена на поп музиката на Балканов, можеби истата наиде на заситување кај пошироката публика, па така „In corpore sano“ успеа да стекне широка публика. Од една страна тешко е да се пласира сопствениот труд, мораш да примениш различни алатки за тој да наиде на поголема публика. Од друга страна тоа што се слуша е одраз на моменталната ситуација и време во кое живееме што го прави точно, односно популарно, значи тоа што е популарно е точно“, рече таа.

„Во нашите краишта музиката и општествената критика имаат заедничко тло, бидејќи тоа е како едно говорно подрачје во кое владее слична атмосфера “, посочи за крај Констракта.

Овие денови таа и бендот патуваат на концертна турнеја, но таа се надева дека од септември ќе започнат да работат на креативен проект. Во септември исто така, најавува голем концерт во Скопје, на што по фестивалскиот настап, како што рече особено се радува бидејќи истиот ќе трае подолго со што подолго ќе чувствува фантастичната енергија што преовладуваше цело време.

Ангела Бошкоска

Фото: Радио МОФ