Летонија донира на Украина автомобили запленети од пијани возачи

Првите автомобили од стотиците возила кои се конфискувани од летонските власти од пијани возачи се пратени за Украина со цел тие да помогнат во војната.

Поранешните сопственици на возилата биле уловени со алкохол во крвта која била преку 0,15%.

Според соопштението на Управата за јавни приходи на Летонија во Украина биле испратени првите осум автомобили „кои повеќе нема да бидат користени од нивните поранешни сопственици – пијани возачи“.

Возилата се доставуваат до групата „Агендум“, која доставува донирани автомобили во уништените подрачја од војната или на луѓето кои се наоѓаат на фронтовите. Од февруари до мај 2022 година групата доставила преку 900 возила во Украина, а вкупно имаат испратено 1.200 автомобили.

Запленетите возила од властите во Летонија вообичаено се продаваат, рециклираат или се демонтираат за резервни делови. Сепак, откако ја виделе мисијата на „Агендум“ властите одлучиле дека овие возила може да се искористат за помош на Украинците.

Во февруари летонскиот парламент донесе законски измени со кои се овозможува поддршка на Украина преку трансфер на возила во сопственост на државата.

Летонските медиуми информираа дека автомобилите ќе бидат доставени до воените единици на Министерството за одбрана на Украина, Клиничката болница во Виницја и територијалната медицинска асоцијација на Советот на Купјанск.