Естонија воведе нова монета од 2 евра во поддршка на Украина

Банката на Естонија издаде еден милион нови монети од две евра со специјален дизајн во поддршка на Украина кои во следниот период ќе бидат доставени до банките и ќе влезат во циркулација во платежниот промет.

Монетата може да се купи и посебно, а сите средства ќе одат во поддршка на Украина.

„Оваа монета треба да ги потсетува луѓето дека слободата е највисоката вредност и дека таа има многу голема цена. Украина во моментов води војна која одзема животи на нејзините луѓе поради заедничките вредности на европскиот културен простор и наше е да продолжиме да ги поддржуваме“, вели директорот на Народната банка на Естонија, Мадис Мулер.

Естонската премиерка, Каја Калас, на Твитер напиша дека новите монети ќе бидат секојдневен потсетник на украинската борба за слобода и нивната иднина во ЕУ.

На новата монета на задната страна се напишани зборовите „Слава Украини“ и е прикажана жена која заштитува птица во нејзината рака, како симбол на сочуство, а на паричката исто така има и слика од клас жито.

Монетата е дизајнирана од Дарија Титова, која во Естонија дошла како бегалка од Харков. Таа во моментов студира на Естонската академија на уметности.