Леон Шумански од Гола Планина колектив еден од говорниците на „ENGAGE“

Говорник на дванаесеттото издание на „ЕNGAGE“ ќе биде Леон Шумански – ентузијаст, визуелен уметник и музички менаџер од Скопје, кој во моментов работи на доста свои проекти и проекти со своите другари, како на пример Гола Планина колектив.

Леон моментално е студент на Медиуми и комуникации во Марибор, Словенија. Неговиот примарен фокус е на истражување и учење за музичката индустрија за да внесе иновации во постоечките македонски пристапи и да создаде поголеми можности за музичарите во Македонија.

Тој ќе зборува на темата „Надвор од рамките на нотите: Младите уметници и борбата против скептицизмот“.

Со колективот „Гола Планина“, организира и помага во приближно 10 настани и успешно објавуваат компилациски албум за само шест месеци од формирањето на колективот. Во моментов, Леон активно работи со 16 артисти и бендови од Македонија, придонесувајќи за појавата на нова музичка сцена. Преку неговото лидерство и соработка со неговите тимски партнери, Леон не само што замислува посветла иднина, туку активно создава и работи за подобри можности за уметниците во нашата држава.

Дванаесеттиот „ENGAGE“ ќе се случува на 9 јуни (петок) со почеток од 13 часот во Младинскиот културен центар во Скопје, каде ќе се одржат инспиративни говори на странски и домашни активисти, креативни работилници, како и вечерна журка со бендови – „ENGAGE the night“. Вечерната програма од 20 часот ќе биде преземена токму од растечкиот Гола Планина колектив, кои ќе претстават шест бендови со авторска музика.

Целиот настан е бесплатен, а регистрацијата е отворена преку сајтот www.engage.mk.

Единствениот настан за социјален активизам „ENGAGE“ е организиран од Радио МОФ и Младински образовен форум, а поддржан од National Endowment for Democracy.