„Лелее“ се враќаат со видеоспот за новиот сингл „Нестајеш“

Дамјан Маневски со инди-рок/пост-панк бендот „Лелее“ ја отвораат пролетната сезона со нов сингл и видео спот насловен „Нестајеш“, под закрила на словенечката издавачка куќа „Moonlee Records“.

Новиот сингл „Нестајеш“ претставува одисеја за една љубов што заоѓа, раскажана на балкански начин. Психоделичниот инди звук, обоен со препознатливите етно мелодии и неправилни ритми, ќе ве одведе на прошетка низ Балканот преку куп емоции и испреплетени јазици.

Замислете си како би изгледало кога „King Gizzard & the Lizard Wizard“ случајно би се нашле во една екс-ју кафеана, добро би се напиле и уживале во локалната традиционална музика – во токму таков сплет на околности ќе ја најдете „Нестајеш“, новата песна на љубљанскиот бенд „Лелее“.

„Спотот е во режија на загрепската мултимедиска уметница Ивана Љубичиќ, која твори под имињата Amio Mon и faded code. Како резултат на сензибилитетот на режисерката во комбинација со несекојдневноста на бендот, спотот е полн со блескави визуелни ефекти, прикази што треперат, експлозија на бои и силни чувства на сите страни. Прилично психоделично!“, стои во инфото за песната.

„Лелее“ ќе ја претстават новата песна во живо на претстојниот меѓународен фестивал MENT, во чиј склоп настапуваат на 30 март (четврток) во Љубљана.