„Corrosion“ го објави дебито „Pinhead“ под закрила на „Стотројка“

Независното радио „Стотројка“ го претставува „Pinhead“, деби албумот на битолското трио „Corrosion“.

Како што велат за албумот, кој веќе се наоѓа на платформата „Бендкемп“, се работи за „матурски труд за петка, една година предвреме“.

Дамјан Маневски од „Rush To Relax“ и „LELEE“ посочува дека по неколкуте минатогодишни ЕП-ја и синглови, младиот опасен битолски состав „Corrosion“ овој пат се претставува со далеку најизграденото издание досега.

Corrosion

„Како еден од водечките претставници на најновиот бран домашни гитарски бендови, ‘Corrosion’ ќарат со својот зрело оформен израз инспириран од богатата ризница на инди бендови тргнувајќи од 80-тите години па наваму. Иако нивниот звук во домашни рамки најмногу потсеќа на легендарните SUNS, јасно е дека кај ‘Corrosion’ не постојат сериозни ограничувања. Напротив, тие сами го газат својот пат и на овој 40-минутен албум длабоко се впуштаат во истражување на својот сопствен звук. Фраерски и тврдоглаво скокаат од песна во песна, секоја од нив носејќи посебен печат“, вели Маневски.

Тој посочува дека пеат на македонски и англиски, развиваат богати инструментални делови, непрестано се поигруваат со разноразни пали/гаси педала форици, но пред сè свират и песнарат со леснотија која ретко кој тинејџерски бенд ја поседува.

 

„’Corrosion’ го носат оној препознатлив битолски шмек и со овој албум сериозно ги надминуваат сите можни очекувања – а веројатно најдоброто од оваа млада екипа допрва доаѓа“, посочува искусниот музичар Дамјан Маневски.

Продуцент на изданието е Ивица Јанкуловски (Студио Алшар), миксот и мастеринг е на Раде Биковски, додека за омотот се погрижи Андреј Сивески.

Во музиката на албумот учестуваат: Андреј Сивески – гитара и вокали, Виктор Стојчески – тапани, Горазд Христовски и Раде Биковски – бас, а Ивица Јанкуловски – вокал на „Папагало на Вико“.