„Лажни вести“ прогласен за поим на годината на речникот Колинс

„Лажни вести“ е прогласен за поим на 2017 година од Колинс речникот, поради „сеприсутноста во последните 12 месеци“.

Лексикограферите на Колинс, кои го надгледуаат корпусот од 4,5 милијарди зборови во речниците, велат дека користењето на терминот се зголемило за 365% од 2016 година. Фразата често е користена во реториката на Доналд Трамп – само во последните неколку дена твитнал дека „лажните вести работат прекувремено“, во поврзаност со истрагата за руското мешање во претседателските избори во 2016 година.

Трамп минатата недела тврдеше дека „го измислил“ терминот.

„Медиумите се, во еден збор опишано со терминот кој го измислив, лажни. Претпоставувам дека други луѓе го користеле низ годините, но јас никогаш не го забележав“, рече во интервју. Сепак, оваа етимологија на зборот ја негираат од речникот.

Од Колинс велат дека „лажни вести“ се користел во американските телевизиски станици за да се опишат „лажни, често сензационалистички информации претставени како вести“. Неговото користење многу пораснало од 2015 година, според речникот, а станал најпопуларен изминатата година.

Неколку други зборови поврзани со политика и актуелни настани исто така се на листата на зборови на годината. „Ехо ќелија“, дефинирана како „средина, особено на социјална мрежа, во која секое искажување на став веројатно ќе биде прифатено бидејќи ќе биде прочитано или слушнато само од луѓе кои имаат слични погледи“, има „стабилен раст“ во користењето во изминатите пет години, а „антифа“ се користело речиси 7.000% повеќе после насилните пресметки меѓу анти-фашистичките протестанти и радикалната десница, особено во САД.

„Корбинманија“, со раст од 310%, е исто така на листата. Колинс го дефинира терминот како „страстен ентузијазам“ за Џереми Корбин.

„Поголем дел од зборовите на овогодинешната листа дефинитивно се политички инспирирани, но со нов претседател во САД и предвремени избори во Велика Британија, не е изненадување што политиката го електрифицира јазикот“, вели Хелен Њустед од Колинс.