КЗБ: Зголемување од 65.8% на бројот на новозаразени со Ковид-19

Комисијата за заразни болести (КЗБ) соопшти во однос на минатата недела има зголемување на бројот на позитивни случаи на коронавирус за 65.8%, но и дека нема зголемување на бројот на хоспитализации.

Дополнително, оттаму соопштија дека во моментов се хоспитализирани 10 пациенти со Ковид-19 и дека нема зголемување на бројот на смртни случаи.

„Согласно овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од Ковид во соседните држави и светот, потсетуваме на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз. Дополнително, препорачуваме граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска , одржување растојание и почесто миење раце“, велат од Комисијата.

Истовремено, оттаму посочија дека внимателно ја следат состојбата и дека во зависност од промените ќе донесат соодветни препораки.

Според последното соопштение на Министерството за здравство, бројот на активни случаи на коронавирус е 648.