„Културно Уметнички Работници“ за Денот на младоста ќе свират во МКЦ

Некогашниот патронат на некогашниот „Дом на млади“, денешен МКЦ, овој центар го одбележува со пригодна програма и концерт во живо на единствените „Културно Уметнички Работници“. Свирката ќе биде во киното „Фросина“.

„Долго време не свиреле во МКЦ, а и се еден од ретките бендови што во изминатиов период немавме можност да го видиме ниту на онлајн-концерт. Ова нема да биде онлајн, туку 50-МИНУТЕН „САМО ХИТОВИ“-СЕТ НА К.У.Р. во живо, истиот ќе биде снимен и подоцна емитуван, а можеби и издаден“, велат од МКЦ.

Настанот ќе биде организиран согласно протоколите за организирање настани во затворен простор.

„Ве молиме да се придржувате кон истите. Бројот на посетители е намален (70 седишта), носењето маски е задолжително за време на целиот настан“, соопштуваат од МКЦ.

Билетите се достапни на билетарница во МКЦ и online преку bileti.mkc.mk