Кучињата можат да откријат и асимптоматски случаи на Ковид-19

Кучињата можат да бидат дресирани за откривање на повеќе од 90 отсто од инфекциите со Ковид-19, дури и кога пациентите се асимптоматски, покажа нова студија, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Авторите на студијата се надеваат дека на овој начин може да се замени потребата за карантин на патниците кои влегуваат во други земји.

Користејќи го своето извонредно чувство за мирис, кучињата претходно докажаа дека можат да намирисаат болести како што се рак, маларија или епилепсија.

Научниците од лондонскиот Факултет за инфективни болести и тропска медицина преку студијата настојуваа да утврдат дали кучињата можат да детектираат препознатлив мирис на хемиски соединенија поврзани со лицата позитивни на Ковид-19 кои не покажуваат симптоми на болеста.

Тие собраа облека и заштитни маски од луѓе позитивни на вирусот со благи симптоми, но и асимптоматски случаи.

Меѓу облеката имало и чорапи на 200 лица заразени со коронавирусот, кои во лабораториските тестови биле поделени на шест кучиња кои претходно биле дресирани за да предупредат на присуство или отстутво на бараното хемиско соединение.

Кучињата исто така мораа да бидат дресирани за да не препознаваат „лажен позитивен резултат“.

Во студијата се покажа дека кучињата успешно идентификувале помеѓу 82 и 94 отсто од примероците на Ковид-19.