КСЗД ќе го следи процесот за достава на решенијата за изолација, од ДЗСИ уверуваат на почитување на законите

Откако на 02 декември од Владата соопштија се изготвува дигитален модел за испорака на информациите и решенијата за изолација до граѓаните заради утврдена инфекција или заради контакт со позитивен од КОВИД-19, изработен од страна на Владата, Министерстото за здравство, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Агенцијата за заштита на личните податоци, беше покрената постапка од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД).

Директорката на ДЗСИ, Ирина Сотирова Бухова нагласи дека решенијата за изолација на лицата позитивни на Ковид-19 или контакти на позитивни лица ќе се објавуваат на веб-страницата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ) и Службен весник, додавајќи дека податоците кои ќе се објавуваат ќе бидат во минимален обем.

Новиот дигитален модел подразбира дека секој граѓанин кој има потреба да дојде до сопственото решение ќе има пристап преку веб-страна единствено до своето решение за изолација без да има увид во податоците на другите граѓани на кои им е издадено решение за изолација.

Во изјава за Радио МОФ, Сотирова Бухова посочи дека податоците ќе бидат објавени само за постигнување на целта за кои е донесено решението и дека постапката ќе биде во целост усогласена со Законот за лични податоци. Но, не добивме одговор што значат „лични податоци во минимален обем“.

Денес беше одржана средба помеѓу ДСЗИ и КСЗД, каде претставниците од Државниот инспекторат посочиле дека системот за процесирање и достава на решенијата за изолација е обемен и застарен, а тоа создава многу проблеми во пракса.

Оттаму додале дека ситуацијата станала додатно комплицирана со новиот зголемен бран на ново заразени и скратувањето на роковите за изолација.

„Претставниците на ДСЗИ посочија дека веќе се разгледани најголемиот број на опции за поефикасно доставување на решенијата и дека во соработка со ИТ компанија дискутиран е нов електронски систем на доставување на решенијата за изолација“, велат во своето соопштение КСЗД.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дополнително информираат дека постојано ќе бидат во контакт со Државниот здравствен и санитарен инпспекторат, со цел спречување на евентуална дискриминација со примена на овој начин на објава и достава на решенијата за изолација.

„При креирањето на овој систем претставниците на ДСЗИ посочија дека ги консултирале професори од Правниот факултет и стручни лица од Агенцијата за заштита на лични податоци што значи дека системот ќе ги земе предвид позитивните законски прописи за заштита на личните податоци. КСЗД ќе биде во тек и ќе ги следи наредните чекори во насока на решавање на овој проблем, и доколку предложениот концепт нема да содржи елементи на дискриминација, истиот ќе го поддржи“, објаснија од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

 

Минимален обем на лични податоци ќе се објавуваат јавно во решенијата за изолација, тврди Бухова