„Крушево – град пријател на младите“ – обука за младински активизам

Во организација на Младинскиот сојуз од Крушево викендов се одржа обука на младите од Крушево, Струмица и Општина Центар од Скопје, во рамките на проектот „Крушево, град – пријател на младите“.

Според Методија Стојчески, претседател на Младинскиот Сојуз на Крушево, имајќи ја предвид улогата на младите во развојот на едно современо општество, проектот е насочен кон развивање на градови пријатели на младите.

„Развивањето на способности кај младите луѓе, претставници на граѓански организации и локални младински совети од Крушево, Струмица и Општина Центар – Скопје, е во насока за ефективно да ги евалуираат локалните младинските политики и услуги во нивните заедници, да промовираат охрабрување, учество, активен ангажман и поддршка во процесот на креирање на младински пријателски градови. Крајната цел на проектот е да се предложат сет мерки до носителите на одлуките во трите општини и  да се развијат иницијативи за лобирање кои би биле директно насочени кон развој на младински пријателски градови“, вели Стојчески.

Според младите од Крушево, учесници на проектот, младите досега не се вклучени во општинските активности.

„Досега не се вклучував доволно во активности од овој тип и се чувствував многу незадовлна самата од себе си. Во текот на обуката дознав колку мојот град  е пријателски настроен  кон младите. Имавме прилика да поразговараме со жителите на нашиот град, постари и помлади и бевме пријатно изненадени дека поголемиот дел од нив сакаат и се подготвени да преземат некои активности за Крушево да биде “Град – пријател на младите”. Исто така, имавме прилика да поразговараме со градоначалникот и претседателот на Советот на општина Крушево. Разговорот со нив звучеше ветувачки, тие одговорија на неколку наши прашања и од нивните одговори заклучивме дека се подготвени да го поддржат проектот“, вели Михаела Новеска од Крушево, учесник на обуката.

Според Дона Кузмановска учесник во обуката, улогата на проектот „Град – пријател на младите“ е да се активираат младите во градовите и да станат блиски пријатели со градот.

„Да се воведат нови активности кои ќе ги инспирираат младите да креираат самостојно иницијативи, предизвикувајќи позитивно влијание и поттик на другите млади за вклучување во активизмот. Ќе го подобрат младинскиот живот, а пред се, младинските политики и ќе им помогнат на институциите во процесите насочени кон подобрување на состојбата во општините“, вели Кузманоска.

Проектот ќе се спроведува во седум фази во текот на осум месеци, каде младите најпрво ќе се обучат за да може ефективно да ги мапираат своите заедници во однос на нивната пријателска димензија кон младите луѓе, но и да предложат сет мерки и препораки, кои во понатамошните  фази директно ќе бидат доставени до релеватните носители на одлуки во трите таргетирани општини.

Крајната цел на овој проект е да се развијат иницијативи за лобирање кои би биле директно насочени кон развој на младински пријателски градови.

Проектот почна во ноември, а ќе трае до јуни 2018 година со поддршка од УСАИД, проект за граѓанско учество.