Кривични пријави против повеќе лица за закани и дискриминација преку Фејсбук

Две лица кои преку Фејсбук ширеле закани за насилство и предизвикувале дискриминација и омраза кон ЛГБТИ лицата во деновите кога се случи нападот врз Дамар, ќе добијат кривични пријави од Хелсиншкиот комитет за човекови права, информираат оттаму.

Кривични пријави против повеќе лица за закани и дискриминација преку Фејсбук

За едно од лицата кое ќе добие кривична пријава од Хелсиншки, Радио МОФ објави дека на настанот на Фејсбук во кој се најавува забавата и се случи напад во кој беа повредени две лица, отворено ги предупредува организаторите дека „следниот пат ќе биде уште полошо“.

„Неодамна (4 Јули, 2013) на ФБ групата Macedonia предупредив дека следниот пат (а тоа беше овој пат) ќе има предупредувачки ќотек, и сега повторно ќе предупредам дека следниот пат (ако воопшто го има) ќе биде уште многу полошо, поготово по главата на организаторите! Сега тие треба да се пазат многу повеќе од вас затоа што ќе нема да се сокријат“, гласеше коментарот оставен на Фејсбук, кој кратко време откако направивме принтскрин, беше избришан.

Кривични пријави ќе бидат поднесени и против фан страните на Фејсбук на водителите Јанко Илковски и Миленко Неделковски, како и порталите Илирида.нет и Вилајети.ком, за предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска или друга дискриминаторска основа, насилство, ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и расна и друга дискриминација, информираат од Хелсиншки.

Триесетина лица со стаклени шишиња и гајби го нападнаа и демолираа кафе барот Дамар, додека траеше забавата за одбележување од двегодишнината на постоењето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, додека во барот беа присутно околу педесетина гости. Во нападот  беа повредени една девојка и едно момче, кои во моментот на инцидентот биле пред објектот и пушеле цигари. Групата ги нападнала со стаклени шишиња и со удари по главата и телото.

Според очевидците, додека ги удирале, напаѓачите постојано им кажувале дека треба да си одат оттука и дека „тука нема место за педери“.  Според Хелсиншки, физичката здравствена состојба на девојката која заврши во Ургентниот центар со дупната глава откако напаѓачите ја удриле со стаклено шише, а потоа ја удирале со боксови, е добра. Неколку од лицата кои биле внатре во барот, исто така се здобиле со помали расекотини од разлетаните парчиња стакло.

МВР минатата недела соопшти дека се преземаат мерки за откривање на сторителите, но засега оттаму нема информации до каде е истрагата за нападот.