Нови отворени закани до ЛГБТИ активистите за вчерашната забава

На социјалната мрежа Фејсбук по вчерашниот напад врз кафе барот Дамар, каде ЛГБТИ Центарот за поддршка правеше забава за одбележување на две години од своето постоење, се појавија повици за насилство и закани упатени кон ЛГБТИ активистите.

Отворени закани до ЛГБТИ активистите за вчерашната забава

На настанот во кој се најавува забавата, едно лице отворено ги предупредува организаторите дека „следниот пат ќе биде уште полошо“.

„Неодамна (4 Јули, 2013) на ФБ групата Macedonia предупредив дека следниот пат (а тоа беше овој пат) ќе има предупредувачки ќотек, и сега повторно ќе предупредам дека следниот пат (ако воопшто го има) ќе биде уште многу полошо, поготово по главата на организаторите! Сега тие треба да се пазат многу повеќе од вас затоа што ќе нема да се сокријат“, гласеше коментарот оставен на Фејсбук, кој кратко време откако направивме принтскрин, беше избришан.

Од МВР за Радио МОФ велат дека не се информирани за ваквите коментари на Фејсбук, но ги осудуваат сите повици за насилство и повикуваат тие да бидат пријавени и кај социјалната мрежа Фејсбук и во Министерството за внатрешни работи.

За потсетување, во нападот на кафе барот беа полесно повредени две лица, откако насилна група од 20 до 30 лица започнала да мава со стаклени шишиња и гајби кон гостите. МВР соопшти дека се преземаат мерки за откривање на сторителите.

Отворени закани до ЛГБТИ активистите за вчерашната забава

ЛГБТИ Центарот за поддршка и претходно беше мета на напади. Лани, толпа хулигани, движејќи се низ Старата скопска чаршија, го нападна центарот, при што беше искршен излогот на објектот. Инцидентот беше снимен преку безбедносните камери на Центарот. Дел од сторителите беа уапсени, а по судењето, беа изречени затворски и условни казни за неколку лица.