Критики кон Франција откако властите забранија активности на климатска активистичка група

Минатата недела, француските власти ги забранија активностите на „Востание на Земјата“, активистичка еко-група, пренесува „Euronews“.

Според властите, дејствијата на групата се забранети бидејќи групацијата поттикнувала насилство, но активистите инсистираат дека забраната е диспропорционално голема.

Критики за одлуката стигнаа и од Грета Тунберг, која на самит во Париз изрази загриженост за растечките забрани за протести.

„Сведоци сме на загрижувачки случаи каде активисти од целиот свет се справуваат со зголемени рестрикции само бидејќи се борат за нашата сегашност и иднина“, изјавила шведската еко-активистка.

Критики за одлуката на Франција стигнаа и од „Human Rights Watch“.

„Распаѓањето на независната организација го потценува активизмот и може да има страшен ефект врз правото на слобода на говор, ненасилни собири и здружувања. Наместо распуштање на еко-активистички групи, властите треба да ги исполнат своите ветувања за заштита на околината и да ги слушнат барањата на активистите“, изјавила Ева Косе, европски истражувач при „Human Rights Watch“.

„Востание на Земјата“ здружува еко-активисти од цела Франција. Основана во 2-21 година, групата организира протести и блокади со цел заштита на животната средина. Во март, групата беше дел од демонстрациите во западна Франција, поради резервоарот Санте- Солин.

Активистите се судрија со полицијата – двајца активисти останаа во кома, а повредени беа 30 полицајци. По судирот, француските власти најавија дека ќе ги спречат активностите и ќе ја распуштат групата.

Портпаролот на Владата, Оливие Веран изјави дека активистите поттикнувале насилство и поканиле насилници од цела Европа. Но, француските организации за човекови права инсистираат дека полицијата го започнала насилството преку напад на мирните активисти со гумени куршуми и солзавец.

Месецов, од Обединетите нации ги искритикуваа француските власти поради употреба на сила, а од „Востание на Земјата“ изјавија дека и понатаму ќе останат активни.

„Обидите да се замолчи групата е празен обид да се искрши термометарот, наместо грижа за температурата. Никој не може да не спречи бидејќи сме многу, не можете да спречите движење, не можете да спречите револт“, истакнале активистите.