Критична маса #70 за безбедноста на велосипедите

Оваа среда неформалната иницијатива На Точак ги повикува граѓаните да се приклучат во новата, јубилејна, 70-та Крититчна маса и да извозат со својот велосипед почнувајќи од Плоштад Македонија во 17:30 часот.

Критичната маса ќе биде посветена на безбедноста на велосипедите. Ќе се вози под слоганот „Имаш сериозна врска?“, затоа што како што велат организаторите секоја „сериозна врска“ со својот велосипед повлекува и сериозна грижа за него во периодот помеѓу две возења и сериозно добар систем на заклучување.

“Факт е дека велосипедите се лесна жетва за крадците, а за жал бројот на најдени и вратени точаци по кражба е сѐ уште мал.

Секогаш кога треба да го оставите некаде велосипедот, потсетете се на овие златни совети:

-Секогаш заклучувајте го точакот за објект кој е цврст, не може да се уништи лесно и е неподвижен.
-Велосипедот заклучувајте го за неговата рамка задолжително и дополнително за едно тркало доколку сте во можност, а никогаш само за тркалото.
-Заклучувајте го на места каде има голема фреквенција на луѓе
-Внимавајте на локацијата – таа секогаш треба да биде осветлено место и доколку има можност, заклучете го на место во домет на камера за надзор
-Одберете систем за заклучување кој е побезбеден (од најбезбедно до најнебезбедно): U-lock, лептир (folding lock), ланец/синџир (chain lock), сајла (cable lock)

И не заборавајте, не постои 100% безбедна комбинација која ќе го заштити вашиот велосипед од кражба.

Ако треба да го оставите велосипедот на подолго време, тоа нека биде во затворен или добро контролиран простор.
За градско возење и чести и долги оставања на отворено користете поевтин градски велосипед”, велат од На Точак.

Тие го повикуваат Министерството за внатрешни работи да воведе регистар за велосипеди, како и да покаже посериозен и поодговорен пристап кон пријавените случаи.

“Исто така, повикуваме и секој на кој му бил украден велосипедот, да пријавува веднаш во полиција, бидејќи иако статистиката е демотивирачка, дел од велосипедите кои се украдени, сепак го наоѓаат својот пат назад до сопственикот.

Негуваме сериозна врска не само со нашите точаци, туку и со скопските улици.
Па се гледаме во среда, на плоштад Македонија, во 17.30 часот да ја извозиме заедно 70-тата јубилејна Критична маса”, стои во најавата за настанот.