Критична маса 45#: Времето студено НаТочак разбудено

„Со восхит ги гледаме тие убави фотографии од луѓе кои возат точак во зима и на снег во Холандија, Данска, Финска, Германија, Шведска. Не само возрасните, туку ги возат и своите дечиња на училиште, во градинка и воопшто не го сфаќаат студеното време како проблем. Зошто да не е така и кај нас?“, велат од неформалната група #НаТочак, најавувајќи ја новата 45. Критична маса, воедно и прва за 2016 година.

Возењето е закажано во среда (27 декември). Зборното место е Плоштад Македонија, во Скопје во 17:30 часот.

„Воопшто не е страшно, туку е и корисно за тебе и за околината, а плус стануваш и инстант херој и пример за другите. Наместо да се грчиш секој пат кога ќе излезеш надвор, облечи се убаво во слоеви, качи се на точак и прифати ја новата температура. Точак се вози и на пониски температури од нашите (околу нулата), се вози дури и на -10, -20.

Дебела зимска капа, шал и ракавици и почни да вртиш, ќе се загрееш! Твојот точак е твој пријател и во лето и во зима. Ви ветуваме дека не е толку страшно како што изгледа, сè уште точакот е незаменливо превозно средство, сè уште ја имате истата „терапија“. Забележувате ли дека сме побројни? Менување на свеста е процес, а ние сме на добар пат.

Поздрави го со насмевка истомисленикот на точак кога ќе се разминеш и направи си го денот поубав. Ајде да продолжиме да вртиме и во зима, како во било кое друго годишно време!“, стои во Фејсбук поканата од организаторите.