КРИК фестивал: промоција на книга од албанскиот писател Аријан Лека

Во рамки на програмата на КРИК – Фестивал за критичка култура, вечерва во 19 часот во Даут пашин амам  ќе се одржи промоција на романот „Домашна змија“, од албанскиот писател Аријан Лека, во издание на Готен. Авторот ќе присуствува на промоцијата, а промотор е академик Луан Старова.

Аријан Лека е роден во Драч во 1966 година, овде завршува основно и средно музичко образование, специјалност флејта. На Филолошкиот факултет во Тирана завршува албански јазик и книжевност во 1992 година. Потоа минува две години на специјалистички студии од областа на модерната италијанска книжевност. Станува одличен препејувач на албански јазик на италијанските нобеловци Еуџенио Монтале и Салваторе Квазимодо, како и на Чезаре Павезе, Итало Калвино и други.

Тој припаѓа на генерацијата албански поети кои се отворени кон европската култура и книжевност, кои прекинуваат со поетиката на албанскиот ортодоксен и најдоцна задржан соц-реализам. Досега е автор на над петнаесет поетски и прозни книги, што се преведувани на италијански, англиски, германски, француски, романски, бугарски, хрватски, македонски и други јазици. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни признанија. Попознати негови книги се: Во ова место ништо не се случува (1994), Коработ на сонот, поезија (2000), Домашна змија, роман (повеќе изданија) (2002), Страбизам, поезија (2004), Поправање грешки, поезија (2010), книгата Долап, со двата есеи „Во потрага по изгубената кошула“ и „Роден во провинција“, објавена во Црна Гора во 2015 година, како и други дела. Во 2004 година Аријан Лека го основа Меѓународниот поетски и книжевен фестивал „Поетика“, чијшто е и главен и одговорен уредник, што денес се смета за најзначајно во Албанија.