„Кратко, ем јасно“ со пејачот Панчо ДНК

Владимир Блажев или подобро познат како Панчо е еден од членовите на музичката група ДНК. Тие повеќе од дваесет години привлекуваат илјадници слушатели со своите поп-хитови на македонската музичка сцена. Во ова интервју со Панчо разговаравме за да ја видиме неговата перспектива на кариерата досега.

1. Што Ве натера да се насочите кон музиката?

  • „Искрено не знам… сѐ дојде некако спонтано. Музиката отсекогаш сум ја сакал, но, никогаш не сум замислувал дека ќе ми биде примарна професија и егзистенционален извор за живот. Ова е еден пример дека спонтани работи се случуваат и сѐ е со причина. Сѐ што е вештачки се познава и кратко трае, според мене, така што советот до сите е да уживаат во тоа што го работат и така никогаш нема да осетат дека работеле ниту еден ден во животот.“

2. Која е Ваша омилена песна од Вашата дискографија и зошто?

  • „Ова прашање е најлошо за еден артист и автор. Никогаш не би можел да се одлучам за една. Сите нумери си имаат оставено печат во некое време, но имаат и посебно значење за мене во периодот кога се правеле, така што, за жал нема да можам да ти одговорам на ова прашање.“

3. Кој Ви бил најголемиот предизвик досега во кариерата?

  • „Дефинитивно, концертот во арената „Борис Трајковски” по повод прославата за нашето 20-годишно постоење. Едно искуство кое го посакувам на секој еден македонски артист да го почувствува. Кога ќе видиш како 10000 грла ги пеат твоите песни и текстови во најголемата македонска арена, ништо повеќе не ти е битно – нит посакуваш да ти се оствари. Преблагодарен си на сите кои дошле на концертот и на Бог кој те наградил за макотрпната работа. Волшебно чувство!“

Евгенија Нанковска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на #МладинскиГлас, каде учествуваат млади од новинарскиот клуб на Радио МОФ од Скопје, менторирани од новинарот Огнен Јанески