Ротирачкиот европски фестивал „Liveurope“ годинава ќе се одржи во МКЦ во рамки на ПИН музичката конференцијата

Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје информира дека европскиот ротирачки фестивал „Liveurope“ оваа година ќе се одржува во рамки на ПИН музичката конференција во периодот од 24 до 26 ноември.

„’Liveurope’ е мрежа на концертни сали како ‘Melkweg’ (Амстердам), ‘Vega’ (Копенхаген), ‘Ancienne Belgique’ (Брисел) и други дваесетина препознатливи сали кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија. ЈУ МКЦ во 2020 година стана полноправна членка на реномираната мрежа“, велат од МКЦ.

Како дел од активностите на мрежата, секоја година во различен град од земјите членки, се одржува ротирачкиот музички фестивал кој има за цел покрај одржување на активности врзани годишното собрание на делегатите од мрежата, да организира и концерти на млади надоаѓачки европски артисти, кои својата музика би ја претставиле пред претставници од 22 најдобри концертни сали од Европа.

„Во рамките на ПИН се најавени 250 гости, односно најрелевантните имиња во музичката индустрија (букери, промотери, новинари, агенти) и на најактуелните музички таленти од Европа, регионот и од кај нас. Во текот на овие три фестивалски дена, сите посетители ќе имаат шанса да ја проследат дневната панел програма во Кино Фросина, каде ќе се дискутира на теми во индустријата, трендови поврзани со музичката сцена, продукцијата, културата и сите влијанија на истата“, соопштуваат од Младинскиот културен центар.

Тридневна програма со панели и музика на „ПИН музичка конференција“