„Кратко, ем јасно“ со Дарко Поповски, басистот на „The Planktons“

Едни од ретките кои го свират овој жанр во Македонија се „The Planktons“, скопски бенд, кој жанровски е осврнат кон сурф-рок музиката. На сцената творат од 2015 година, а зад себе ги имаат оставено EP изданието El Plancton (2015) и албумот „Денес“ (2019). Моменталниот состав на бендот брои тројца членови, Марко Трендафиловски (тапани), Оливер Зрињи (гитара) и Дарко Поповски (бас). За сурф-рок музиката нешто повеќе ќе ни открие Дарко Поповски, басистот на „The Planktons“.

Зошто жанрот кој го свирите го носи токму името сурф-рок, поврзан ли е со сурферската култура, и што точно опфаќа во себе?

Сурф музиката, како што и налага и самото име, е во голем дел поврзана со сурферската култура. Своите корени ги темели во раните 60-ти години на минатиот век со бендови и артисти како што се „The Ventures“, „The Chantays“, Dick Dale, „The Trashmen“ како и „The Surfairs“ со можеби најпознатиот хит во овој жанр – „Wipe Out“. Најголемата поврзаност на овој стил со самиот чин на сурфање е употребата на reverb ефект со што се пробува да се долови звукот на брановите, додека динамичниот ритам би требало да го претставува водното пространство како и самата возбуда за да се стигне до копното.

Зошто баш името „The Planktons“ и зошто баш сурф рок, а не некој друг „попопуларен“ жанр?

Знаевме дека името ќе биде членувано. Најголем дел од сурф бендовите имаат имиња со членот „the“ па не сакавме многу да отстапуваме од тоа непишано правило. „The Planktons“ ни звучеше интересно и се решивме да се држиме до истото. За разлика од други попопуларни жанрови се одлучивме за сурф рок бидејќи звучи несекојдневно и публиката поинаку реагира од на пример на музика каде има „hook“ кој музичарите го користат за одново и одново да ја анимираат публиката. Овде тоа не е случај. Немаме текстови и од публиката се очекува да слуша музика, а не текст. Ова е музика која бара подготовки иако делува едноставно, но бара физичка подготвеност за публиката.

Дали македонската публика е доволно заинтересирана за овој жанр, го добивате ли соодветното внимание од самата публика, но и од медиумите?

Македонската публика е одлична. Знае и сака да се забавува. Со оглед на тоа што овој стил на музика не е тежок за слушање, а е уште полесен за танцување и веселба, дури и поинтимните концерти ни прават да почувствуваме заинтересираност за нашата работа и овој стил на музика од страна на публиката. Медиумската покриеност од аспект на известување за настани и концерти е во ред и од секогаш била. Проблемот кој се јавува е со емитување на музиката од страна на медиумите како радио и телевизија. Сметаме дека тоа е проблем кој се провлекува со годините и не гледаме јасна разврска за истиот.

Марија Поповска

Фотографија: Мартин Крстевски

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „младинските муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески