[Кратко, ем јасно] Марија Велковска: Дали сме финански писмени и кој може да ни помогне за тоа?

Финансиската писменост е основата за добра врска и релација со парите. Луѓето кои се едуцирани за ова, носат подобри одлуки кои им овозможуваат да уживаат во поквалитетен животен стандард. Водени од огромната потреба за финансиска едукација на жителите на Македонија, „Your Financial Coach“, вашиот финансиски водич и тренер, со огромно задоволство креира и постира кратки едукативни видеа на социјалните медиуми сè со цел подигнување на степенот на финансиска писменост. Целтa е да се обучат што е можно повеќе луѓе. А со тоа да се влијае врз подобрување и развој на целиот пазар кај нас. За ова, разговараме со Марија Велковска, лицето на Your Financial Coach.

Од каде инспирацијата за Your Financial Coach?

Во текот на моето образование во областа на економијата поточно финансиите воочив дека на жителите на Македонија им недостасува финансиска едукација. За да има економски развој, првично мора финансиското знаење на населението да е на мошне високо ниво за да функционира целиот овој систем во полна пареа. На располагање стојат безброј продукти и инструменти достапни за секој поединец, но само финансиски писмените луѓе умеат да ги препознаат и да ги искористат во своја полза. Токму за таа цел е формиран Your Financial Coach, вашиот финансиски водич и тренер за да ги запознае, советува и да ги внесе во светот сите тие кои сакаат да си го подобрат квалитетот на животот со носење правилни финансиски одлуки.

Што да очекуваме од Your Financial Coach во блиска иднина?

Досега Your Financial Coach имавте можност да го следите на социјалните мрежи Instagram и TikTok, а од неодамна почнавте да ги слушате и нашите подкасти базирани на актуелни финансиски теми на YouTube. За периодот кој следува ви подготвуваме мошне интересни новитети. Во план ни е да започнеме со снимање подолги видеа на теми кои кај вас побудиле најголем интерес, сè со цел подлабоко да навлезете во одредена тематика. Исто така до крајот на годината треба да излезе од печат книгата за лични финансии, чијашто авторка сум јас, а е насловена со името коешто ви е веќе познато – „Your Financial Coach“. Во процес на подготовка се и онлајн-курсевите за едукација во областа на личните и семејните финансии, како и многу обуки и работилници. Следете нè на социјалните медиуми за да бидете во тек со сите новости.

Каков е Your Financial Coach зад камерата?

Your Financial Coach е една млада и весела девојка со огромна желба да споделува знаење. Сите совети што ги давам се од моето богато лично искуство и се врз база на мојата долгогодишна едукација во областа на финансиите. Желбата за подигнување на степенот на финансиска писменост во Македонија ме одржува постојано активна и ме мотивира да продолжам да дејствувам. Секојдневно енергијата ја црпам од насмеаните лица на личностите кои успешно ги замениле старите нездрави финансиски навики со нови, кои им овозможиле да живеат удобен и квалитетен живот.

авторка – Бојана Јовановска

*Три прашања, три одговори – Кратко, ем јасно. Ова е мини рубрика на Радио МОФ во рамки на „Mладински муабети“ што ја водат членовите на новинарскиот клуб на Радио МОФ, предводен од новинарот Огнен Јанески