Ковачевски: Покачувањето на платите во образованието мора да значи и подобри резултати во работата

Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави постигнатото решение меѓу СОНК и Министерството за образование за зголемување на платите во просветниот сектор, додавајќи дека следниве денови треба да се потпише и официјалната спогодба и со тоа да почне и реализацијата.

Тој на вчерашната седница на пратенички прашања во Собранието додаде дека во ребалансот на Буџетот предвидени се средствата за она што е договорено, а останува да се договори методологијата за зголемување, раст на платите во јавниот сектор вклучително и во секторот на образование.

„Имаме и отворен дијалог со репрезентативниот синдикат во однос на зголемување на платите и воведување на методологија, којашто нема да биде насочена само на зголемување на платите врз основа на зголемување на трошоци за живот што треба да биде вклучено, врз основа на зголемување на просечна плата што треба да биде вклучено – меѓутоа и во однос на зголемување на продуктивноста и во однос на зголемување на ефикасноста на работењето, бидејќи овде се работи за јавниот сектор. Приватниот сектор е тој кој што го плаќа јавниот сектор и мора да му се испорача повисока услуга. На последната седница на Владата се донесе нова програма за инвестиции во образованието, но точно е дека треба да се подобрат и резултатите во образованието“, рече Ковачевски.

Тој посочи на резултатите од ПИСА тестирањето и низа други споредбени податоци од други држави, кои, според него, покажуваат дека има многу што да се работи.

Премиерот најави дека во разговорите за реформите ќе учествуваат синдикатите, но и оние на кои се однесуваат – и наставниците, исто како што за прв пат при носењето на Законот за средно образование, којшто сега е во постапка, ќе бидат вклучени и средношколците.

Премиерот постигнатото решение го нарече „историско зголемување на платите во образовниот сектор“, додавајќи дека заедно со покачувања изминативе години растот на платите на просветните работници вкупно ќе изнесува преку 36%.