Конференцијата за климата единствен простор за климатска дипломатија – каде е С. Македонија на КОП26?

Обезбедувањето праведна транзиција кон зелена економија, особено на регионите со јаглен, но и прекин на употребата на фосилни горива до 2030 година. Ова, според еколошката организација „Еко-свест“ се дел од најголемите предизвици за климата на глобално и локално ниво.

Ваквите прашања несомнено ќе се најдат и на говорницата во Глазгов каде пред три дена започна Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации, позната како КОП26.

Шкотскиот кампус за настани до 12 ноември е домаќин на конференцијата, која според „Еко-свест“ е единствениот простор каде  што се случува климатска дипломатија. Таа како што објаснуваат тие, претставува простор и рамка во која 196 држави од светот преговараат за начинот на кој ќе го задржат порастот на глобалните температури под 1.5 степени целзиусови и ќе ги ублажат климатските промени.

„Во ова тие се поддржани од секретаријатот и разните технички тела на UNFCCC кои ги хранат преговорите со научни и друг вид на податоци, меѓутоа често служат и како медијатори помеѓу државите со цел да се постигне договор околу одредени спорни теми“, велат од „Еко-свест“.

Меѓу бројните делегации кои допатуваа во Глазгов деновиве има претставници и од земјава. Нашата делегација се состои од претседателот Стево Пендаровски, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во кој е вклучено и националното одговорно лице кон конвенцијата на UNFCCC, претставник од МОН и претставници од кабинетот на заменик премиерот задолжен за економски прашања.

Вчера на конференцијата се обрати и претседателот Пендаровски кој рече дека Северна Македонија веќе го транспонира, односно го пренесува европското законодавство за климатски промени во националното законодавство, како земја-кандидат за членство во ЕУ.

Оттука, тој посочи дека поддржувајќи го Европскиот зелен договор, подготвени сме со нашиот удел да придонесеме Европа да стане првиот јаглеродно-неутрален континент до 2050 година.

Претседателот Пендаровски на КОП26

„И покрај фактот што сме мала европска земја, имаме големи климатски амбиции. За таа цел, го усвоивме ревидираните национално утврдени придонеси. Нашата амбициозна цел поставена за 2030 година е да ги намалиме емисиите на стакленички гасови за 51%, во споредба со нивоата од 1990 година, или 82% во нето емисии во споредба со истата година која е земена како појдовна основа. Осмисливме 63 политики и мерки за ублажување кои се родово одговорни и поврзани со 15 цели за одржлив развој“, рече Пендаровски.

Според ресорното министерство главниот предизвик сега е имплементација на политиките и мерките од неколку усвоени документи.

„Владата на Република Северна Македонија, во април го усвои ажурираниот и подобрениот Национален определен придонес (eNDC) кон Договорот од Париз, со кој се постави амбициозна цел: Во 2030 година, 51% намалување на емисиите на стакленички гасови во споредба со нивоата од 1990 година (или, изразено во нето емисии, во 2030 година, намалување од 82% во споредба со нивоата од 1990 година)“, велат од МЖСПП за Радио МОФ.

Националниот определен придонес, како што објаснуваат тие, е фокусиран кон ублажување на климатските промени, со визија да наредно да вклучи и компонентата за адаптација, откако ќе се изготват и усвојат релевантните национални стратешки и плански документи.

„Во него се анализирани 63 политики и мерки за ублажување и тоа во секторите: енергетика (вклучително и снабдување со енергија, резиденцијален сектор, неспецифицирани сектори, индустрија, транспорт), земјоделство, употреба на земјиштето, пренамена на земјиштето и шумарство, отпад, дополнителни ПиМ (што овозможуваат спроведување на активностите за ублажување)“, додаваат од МЖСПП.

Токму националните придонеси кон климата, односно зајакнување на механизмите за обезбедување имплементација на ветувањата се очекувањата на „Еко-свест“, односно, спроведување на Парискиот договор.

„Најголемиот предизвик годинава ќе биде обезбедување еднакво учество на сите држави членки како никој не би бил изоставен од преговорите во услови на пандемија“, објаснуваат тие.

Конференцијата за климата доаѓа во истиот период кога пред пет години стапи на сила Парискиот климатски договор.

„На светско ниво, државите ги започнаа напорите кон намалување на емисиите на стакленички гасови, главно преку планови за прекин на употребата на фосилни горива до 2030 година и обезбедување на финансиски средства за земјите во развој и неразвиените земји да можат да имплементираат мерки за ублажување и прилагодување. Сепак мора да се напомене дека овие активности се одвиваат многу споро и се уште се недоволни за да постигнат целите кои се зацртаа со Договорот од Париз“, децидни се од „Еко-свест“.

Истовремено, конференцијата се одвива и во време кога целиот свет се соочува со голема енергетска криза. Таа според екологистите нема да ги загрози заложбите за ублажување на климатските промени, доколку, како што велат, правилно се планира излезот од енергетската криза имајќи ги климатските цели во предвид.

Земјава, според нив, треба да одговори на овој предизвик преку зголемување на енергетската ефикасност на деловните и станбените објекти, како и олеснување и овозможување на инсталирање на фотоволтаични панели на крововите на домовите кои, како што додаваат ќе го ослободат електроенергетскиот систем.

Дополнително, тие објаснуваат дека овие две мерки ќе имаат и значителен удел во ублажувањето на климатските промени.

Од Министерството за животна средина пак, велат дека и покрај тоа што постојат мислења дека енергетската криза ја загрозува борбата против климатските промени, на тоа треба да се гледа од друг аспект.

Па оттука, тие објаснуваат дека тоа е важен показател дека политиките треба да се креираат во правец на намалување на увозната зависност и поголемо инвестирање во обновливи извори на енергија и во енергетска ефикасност.

Мартин Колоски