Концерт на Зарина Првасевда во Битола

Насловен „ЕХО“,  во Битола свој концерт на 17 декември ќе одржи Зарина Првасевда, вокална изведувачка на традиционална македонска и светска музика, испеана на повеќе јазици.  Придружена од ансамбл, таа ќе настапи во Офицерскиот дом во Битола, со почеток во 20 часот.

Покрај песните од албумот „ЕХО” кој таа неодамна го издаде за издавачката куќа „Кроација Рекордс“, ќе бидат изведени и нови песни преку кои се најавува нејзиниот нов албум. Концертот ќе биде камерен, а бројот на публиката е ограничен на 150 посетители.

Со Зарина Првасевда ќе настапат и Ратко Даутовски на перкусии, Пенче Кралев на бас, Филип Димишковски на клавијатури, Филип Михајловси на канон, Благојче Трајковски на кларинет и Тони Арлан на виолина.

На концертот ќе бидат изведени 11 традиционални песни од Балканот, отпеани на македонски, албански, турски, српски и бугарски јазик.

„Буквално ќе можеме да си го слушаме срцебиењето едни со други, а тоа ќе ни биде ритамот кој ќе ни биде премин кон емотивното, таму каде не често имаме можност да се среќаваме. Ќе биде вечер на променада на емоции, претпразнично честење на душата со музичка прошетка низ различни култури, меѓусебно пружање рака некаде низ звуците и простор за игра на детето во нас во меѓупросторите на корените и ширината на светот“, вели таа.

Картите ќе бидат во продажба онлајн, а достапни се и во Книжарница Литература на Широк Сокак и Тобако Brothers на Широк Сокак.