Концерт на џез триото Кондовски, Дробицки и Омерагиќ на 29 јуни

Џез триото Кондовски, Дробицки и Омерагиќ во четврток (29 јуни) ќе одржи концерт во Културно-информативниот центар (КИЦ) Скопје.

Концертот ќе започне во 20 часот во Салон 19:19.

„Џез трио: Кондовски, Дробицки и Омерагиќ е неконцептуален современ и слободен џез стил во комбинација на фразирање во стилот на класичната музика и импровизации. Импровизациите создаваат композиции конструирани во зададена форма. Издадени се два музички албуми: ‘Away’ и ‘Outcasts’ за издавачката куќа: PMGJAZZ. Албумите се приказни искажани преку музика и генерално раскажуваат четива за имиграцијата, за напуштените домови, за анксиозноста и напуштање на младите луѓе за подобар свет, воедно и отпадништвото на уметниците кои се трудат да ја подигнат културата како на глобално, така и на локално ниво“, посочуваат организаторите.

Од КИЦ велат дека концертот е втор во серијалот „unplugged“ концерти кои ќе ги реализираат во Салон 19:19 во рамки на годишната музичка програма на Културно информативен центар – Скопје за 2023 година.