Концерт на блуз рок гитаристот Давид Нешкоски во Станица 26

Концертната агенција и продукција „3Гонга“ најавува светска премиера на триото„The Daf Project“ на еден од најдобрите домашни блуз рок гитаристи, Давид Нешкоски, кој дел од своето музичко патешествие го помина во САД, каде има настапувано и соработувано со голем број познати музички имиња од блуз\рок сцената во Њујорк и Лос Анџелес.

Во Станица 26 ќе настапи во придружба на Филип Јездеќ и Александар Шилоски. Концертна промоција на албумот „Let Go“ е закажана на 26-ти октoмври (четврток), во ноќниот клуб Станица 26 со почеток во 22 часот.  

The DAF Project е нивниот најнов проект. Рок триото е оформено од музичари со сериозно музичко искуство зад себе, со голем број соло изданија, снимени студиски албуми и настапи низ Балканот, Европа и САД.

Снимањето на проектот го изработија Давид Нешкоски и Александар Шилоски, а целосната аудио продукција, микс и мастер ја работи Александар Шилоски.

Музиката и аранжманите се сработени од сите тројца, текстовите се на Давид Нешкоски.

Нешкоски е професионален музичар, текстописец, композитор и продуцент. Со долгогодишно искуство во бендови во земјава и странство. Со неговото трио издава 3 соло албуми, кои се одлично прифатени од македонската и странската слушателска публика. Почнувајќи од „Crossroad Blues Band“, потоа „Давид Нешкоски Трио“, па „The DAF Project“ и огромниот број соработки на Давид со музичари од Лос Анѓелес, Њујорк, Лондон, Берлин, Чикаго.