Македонската рок група „Ареа“ која одбележува повеќе децении од своето формирање ќе одржи специјален концерт на 10 мај (сабота) во „Јавна соба“ во Скопје.
„Публиката ќе има можност да доживее едно блиско и енергично музичко искуство со автентичниот звук што ја одбележа ‘Ареа’ низ годините“, пишува во најавата.
Во интервју по повод јубилејот, гитаристот Ивица Брчиоски кој е дел од групата од основањето, се навраќа на скромните почетоци, снимањето на првиот албум во студиото на МРТ и потенцира дека клучот на успехот е доследноста и искреноста.
„Да си свој е најгласниот звук што можеш да го свириш“, вели Брчиоски.
Гитаристот посочува и дека денешната сцена е поинаква – доминираат бројките и алгоритмите, но суштината на музиката е да биде доживување, а не производ.
„И по седум издадени албуми и стотици настапи, ‘Ареа’ останува верна на својот стил и на директната комуникација со публиката. Концертот во ‘Јавна Соба’ ќе го понуди токму тоа – енергија без филтери, музика без маски, и емоција без компромис. Публиката може да очекува избор од најдоброто од дискографијата на ‘Ареа’, во атмосфера што ја нагласува блискоста и искреноста на живиот настап“, стои во соопштението.