„Кокино – Тврдина на сонцето“ ќе се одржува од 17 до 19 септември

Поради деновите на жалост, третото издание на мултимедијалната културна манифестација „Кокино – Тврдина на сонцето“ ќе се одржува 17 до 19 септември, годинава за прв пат со тридневна програма на мегалитската опсерваторија Кокино.

„Концерти, едукативни работилници, видео инсталации, предавања, туристички прошетки, дебати, изложби, театар – сѐ од КОКИНО: Тврдина на Сонцето. Во сите сегменти на настанот, секое ќоше ќе говори за сопствената историја, за уметноста инспирирана од вековите пред и по настанувањето на Кокино, до денес. Мноштво активности и перформанси кои во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија ќе ни ги претстават стотина различни автори од полето на литературата, уметноста и културата, во величествен тридневен спој на различните уметнички правци од македонското творештво“, се вели во најавата на организаторот „Пасворд продукција“.

Од таму информираат дека листата на изведувачи е комплетирана. Меѓу нив се Тони Китановски, „Перија“, „Фулиш Грин“, Гиш, диџеј Чарли, „Сетстат“, Дина Јашари, „Летечки Пекинезери“, „Чалгија Саунд Систем“, „Љубојна“, „21 век“…

„Присуството на настанот е бесплатно, но поради специфичноста на локацијата настанот ќе биде организиран со строго ограничен капацитет и регулиран пристап до локацијата со возила поради што ќе биде организиран автобуски превоз и посебен паркинг за автомобили. Билетите за автобускиот превоз ќе чинат 50 денари (дневен билет во двата правци за едно лице), а иста цена, 50 денари ќе чини и пропусницата за пристап со сопствен автомобил до организираниот паркинг-простор (еднодневна пропусница за едно возило)“, се вели во најавата за настанот.

Преостанатите дневни билети за авто-пропусници и автобуски превоз од Скопје и Куманово, се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/kts2021/