Културна манифестација „Кокино – Тврдина на сонцето“ од 10 до 12 септември

Третото издание на мултимедијалната културна манифестација „Кокино – Тврдина на сонцето“ ќе се одржува годинава и тоа прв пат со тридневна програма до 10 до 12 септември, на локацијата на мегалитската опсерваторија Кокино.

„Концерти, едукативни работилници, видео инсталации, предавања, туристички прошетки, дебати, изложби, театар – сѐ од ‘Кокино: Тврдина на Сонцето’. Во сите сегменти на настанот, секое ќоше ќе говори за сопствената историја, за уметноста инспирирана од вековите пред и по настанувањето на Кокино, до денес. Мноштво активности и перформанси кои во подножјето на Кокино, долж обележаната патека/рута и во просторот на самата опсерваторија ќе ни ги претстават стотина различни автори од полето на литературата, уметноста и културата, во величествен тридневен спој на различните уметнички правци од македонското творештво“, велат организаротире од „Пасворд продукција“.

На програмата, меѓу другите, најавени се „Суперхикс“, „Перија“, Гиш, „21 Век“, диџеј Чарли, „Љубојна“, „Сетстет“, „Летечки Пекинезери“, „Чалгија Саунд Систем“, Тони Китановски, „Фулиш Грин“, диџеј Флудер…

Од „Пасворд“ потенцираат дека присуството на настанот е бесплатно, но поради специфичноста на локацијата настанот ќе биде организиран со строго ограничен капацитет и регулиран пристап до локацијата со возила, поради што ќе биде организиран автобуски превоз и посебен паркинг за автомобили.

Веќе се пуштени во продажба дневни билети за организираниот автобуски превоз од Скопје и од Куманово и авто-пропусници за автомобилите. Овие билети чинат 50 денари и се достапни онлајн на: https://mktickets.mk/event/kts2021/

Фестивалот ќе биде организиран во согласност со актуелните заштитни мерки и Протоколот за организирање на јавни настани.

Проектот „Кокино – Тврдина на Сонцето“ оваа година се одржува со поддршка на Владата, а во рамки на јубилејот 30 години Независност.