Книга позајмена во 1939 година вратена во библиотека во Хелсинки

Нема слично искуство како тоа да се изгубите во добра книга, но еден читател од Финска се чини дека во тоа се внесол до крајност.

Вработените во библиотека во Хелсинки биле повеќе од изненадени кога копија од романот „Бегалците“ на Артур Конан Дојл била вратена во библиотеката по повеќе од осум децении откако била позајмена.

Романот, кој е преведен од англиски на фински јазик, е вратен во Централната бибилотека во Хелсинки – „Оди“ во понеделникот, по повеќе од 84 години од првичниот рок одреден за враќање на книгата – 26 декември 1939 година.

Во книгата била и членската картичка на читателот, што ги довело вработените да веруваат дека оној кој ја позјамил бил бизнисмен од областа Пурсимихенкату во главниот град на Финска.

„Оној што ја врати книгата не сподели, а ние не прашавме која е неговата врска со читателот кој ја позајмил во 1939 година. Понекогаш се случува да ни вратат книги десетици години подоцна, и многу често тоа се книги што пријателите или фамилијата ги наоѓаат меѓу работите на починатиот“, изјавила вработена во библиотеката за „Си-Ен-Ен“.

Периодот кога е позајмена книгата може да биде клучен во обидот да се објасни зошто книгата никогаш не била вратена – Советскиот сојуз ја нападна Финска на 30 ноември, 1939 година.

„Зимската војна започнала еден месец пред истекување на рокот, па веројатно враќањето на позјамена книга од библиотека не било првото нешто што граѓаните го имале на ум“, велат од библиотеката.

Копијата на романот е во објасниво добра состојба, со оглед на годините што изминале и сега ќе биде вратена во оптек на јавно позјамување.

Од библиотеката кажаа дека во нивната колекција веќе има две копии од оваа книга, додавајќи дека ја испратиле во главната книжарница на Градската библиотека на Хелсинки која се наоѓа во Пасила.

„Вработените таму ќе одлучат дали ќе ја примат во колекцијата или не. Доколку се одлучат за тоа, тогаш членовите на библиотеката може да ја резервираат онлајн и да ја позајмат книгата“, кажаа од оваа библиотека.

Максималната казна што се плаќа за прекорачување на рокот поставен за враќање книга во хелсиншката библиотека е 6 евра, но за оваа книга нема да се одреди сума бидејќи книгата веќе не била регистрирана во системот на библиотеката кој од нејзиното појзамување се менувал многу пати.